Просечниот животен век на Ромите во Македонија е 5 ипол години понизок од просекот на целокупното население во земјата, многу ромски деца се сегрегирани во образованието, додека околу 80 илјади ромски домаќинства немаат долгорочни решенија за домување. Ова се дел од податоците од новата студија за реалностите со кои се соочуваат Ромите во Македонија која ја изработија Меѓународната Група за Малцински Права (МРГ) и Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“.
12 ромски медијатори лоцирани во 6 општини интервјуирале стотици Роми со цел да соберат нови информации и да добијат целосна слика за нееднаквостите, институционалната дискриминација и социјалните предрасуди со кои се соочува ромската популација во Македонија. Резултатите се прикажани во брифингот: „Ромите во Република Македонија: предизвици и нееднаквости во домувањето, образованието и здравствената заштита“.
„Целта на објавувањето на овој извештај е да се привлече вниманието на државните и локалните институции кон предрасудите и стигмата со која Ромите и понатаму се соочуваат во нивниот секојдневен живот и покрај постоењето на соодветно законодавство со кое се забранува дискриминација. Тој е заснован на наоди од медијатори кои се запознаени со проблемите со кои се соочуваат Ромите, преку директни посети на ромската заедница во шест општини“, вели Ферди Исмаили, извршен директор на Асоцијацијата „Сонце“.
Медијаторите ги имаат собрано најсериозните примери од социјалната ексклузија во Македонија, започнувајќи од ризикот од бездржавјанство до причините поврзани со значително понискиот просечен животен век кај Ромите (68 години) во споредба со просекот на националното население (73.5 години). Други проблеми откриени од резултатите собрани од медијаторите вклучуваат дискриминација при пристап до услуги – на пример забрана на ромските деца до пристап на базени и исклучувањето на Ромите од рестораните, кафулињата и хотелите.
Брифингот, објавен на англиски, македонски, албански и ромски јазик, е издаден преку соработката на МРГ и „Сонце“. Истиот дава бројни препораки до македонската влада и локалните самоуправи. Брифингот се фокусира на три клучни области во кои Ромите и понатаму се соочуваат со дискриминација: образование, домување и здравство:
Образование: „Многу ромски деца посетуваат сегрегирани часови, или тие се физички одделени од нивните не ромски врсници; според истражувањето овој феномен се чини дека е во пораст. Сиромаштијата е уште една пречка за образованието на Ромите: многу ромски родители немаат доволно пари за да купат нови облеки, обувки и потребни училишни материјали за нивните деца. А за најсиромашните ромски домаќинства, кои немаат пристап до питка вода, дискриминацијата и говорот на омраза се доволна причина за некои родителите да одлучат да не ги испратат нивните деца во училиште со цел да ги заштитат од малтретирање“.
Домување: „Многу ромски фамилии живеат во куќи со помалку од 5 квадратни метри по лице; околу 80,000 ромски домаќинства немаат долгорочни решенија за домување“.
Здравство: „Ромките често живеат во оддалечени населби без пристап до јавен транспорт; тие не се доволно информирани и се редовно дискриминирани од страна на медицинскиот персонал. Поради тоа, многу од нив не ги посетуваат своите регистрирани гинеколози за време на бременоста и во некои случаи тие се породуваат во нивните домови“.
„Кога работев на брифингот, сфатив дека сите тие области се меѓусебно поврзани и покрај напорите на владата да ја подобрат ситуацијата, Ромите сé уште се соочуваат со дискриминација во апсолутно секој дел од својот живот“, вели Андреа Спиталски, авторот на брифингот и правникот на „Од акција до еднакви права на Ромите“.
Во брифингот се истакнува загрижувачкиот пример на релоцирана група на Роми, која по поплава морале да се населат во зграда која била поранешна болница. Тие биле принудени да спијат на подот, без контејнери за ѓубре што довело до насобрано ѓубре во дворот, како резултат на тоа, голем број деца биле заразени со болести. Без електрична енергија или вода за пиење, децата не можеле да се исчистат и престанале да посетуваат училиште. Локалните власти ветиле дека ќе најдат решение, но досега не се преземени никакви мерки, се наведува во документот.
Извештајот вклучува и повеќе препораки за подобрување на ситуацијата:
*Да се процени бројот на ромските деца во околината на секое училиште и да се обезбеди нивна еднаква распределба со не-ромските деца;
*Преглед на наставните материјали и наставните програми за да се осигура дека негативните стереотипи не се вклучени. Доколку е потребно, да се произведат нови материјали кои промовираат еднаков третман;
*Да се забрзаат процедурите за легализација на дивоградбите што ги заземаат Ромите;
*Зголемување на бројот на здравствени медијатори во општините каде што има висока густина на Ромите, со повеќе ресурси за поддршка на нивната работа.
Извештајот “Ромите во Република Македонија: предизвици и нееднаквости во домувањето, образованието и здравствената заштита” ќе биде објавен на интернет-страницата на МРГ по денешната официјалната презентација и дискусија во Скопје.