Во рамките на програмата на јубилејното дваесетто издание на фестивалот Таксират, на 6 декември е најавен самостоен концерт на „Киборг“, сајбер-панк бендот кој во музичката архива е запишан како првиот индустријал-бенд во нашата земја.
Започнува со работа во 1991 година со Влад Каевски и Дарко Јаневски. Во бендот поминуваат повеќе личности на кои „Киборг“ им е многу благодарен за нивниот придонес во развојот на групата.
Денешната постава на „Киборг“ е: Дарко Јаневски – вокал, Перо Стефановски – гитара, Горан Атанасов – тапани и Влад Каевски – клавијатури.
„Ни требаше време додека изразот и членовите не се искристализираат за да дојдеме до денешната постава. Со Перо и Горан го пронајдовме звукот што го баравме долго време. Впрочем, во овој состав и го завршивме првиот дел на нашето битисување на македонскава музичка сцена пред деветнаесет години. Природно беше да се вратиме во истиот состав. Вистина е дека кога дојдоа најголемите успеси на бендот, престанавме да работиме. Причината не е битна, но битно е тоа што повторно сме заедно за да ја продолжиме работата од моментот кога ја запревме. Сето тоа што ќе дојде со неа, ќе го прифатиме и искористиме за понатамошен поттик за да се подобриме и станеме поуспешни во тоа што го работиме.“ – раскажува Влад Каевски, за Радио МОФ.
Тие по деветнаесет години пауза, минатата година се враќаат на сцената со концертот на ПИН – музичката конференција.
„По долга пауза, „Киборг“ се враќа поради потребата на членовите на бендот да кажат нешто ново, нешто што недостасува на нашата музичка сцена. Начинот со кој го изразуваме тоа е модерен и далеку истражен во светски рамки. Во исто време е и поттик да се вратиме по толку време и да го докомплетираме нашиот израз кој го започнавме пред многу години.“ – вели Каевски.
Според објаснувањето за зборот „киборг“, тоа е организам кому му се дадени надворешни компоненти со цел да се адаптира на новата околина. Според членовите на бендот, надворешните компоненти во нивниот израз се технологијата која ја користат за музички да се изразат во оваа околина. „Киборг“ директно го објаснува сето ова преку стилот на музиката што ја создава.
„Стилот сам по себе е студен, но во исто време енергијата што ја ослободува може да ве изгори со својата мелодичност и битот на машините кои работат додека ја одразуваат реалноста на живеењето во ова време на сурова економска и социјална немаштија. Немаме никакви политички пораки освен оние кои се директно поврзани со диктаторскиот однос на појакиот (побогатиот) кон послабиот (посиромашниот). Повеќе инспирација црпиме и од музичките стилови кои ни биле важни во нашиот музички развој. Сето тоа е измиксано и преработено во нашиот единствен музички израз. Затоа еден дел од Киборг е биолошко битие, а другиот дел е технолошка, механичка половина која ги синтетизира своите искуства во единствен и свој одраз на надворешните влијанија.“
Нивниот албум не е снимен во студиото во кое „Киборг“ макотрпно работи во минатиот век поради тоа што бендот престанува со работа во моментот кога Каевски ги собира потребните средства за снимање. Но, повеќе македонски бендови, како што се „Соломонов печат“ и „Дон Жуан“ ја искористуваат оваа можност и ги снимаат своите албуми токму во тоа студио.
Според Каевски, одговорот на прашањето за заинтересираноста на младите за ваков тип на музика во денешно време споредена со заинтересираноста на младите во минатиот век, е субјективен.
„ Како јас ги гледам овие состојби е директно поврзано со информациите кои стигнуваат до мене. Моето лично искуство е дека нема преголем интерес за создавање ваков тип музика, ниту во деведесеттите години од минатиот век, ниту во денешно време, иако можноста да се создава ваква музика е достапно до секоја индивидуа која има достап до персонален компјутер. Секако дека има по некој бенд што негува сличен звук, но далеку од тоа дека ќе најде свое место на музичката сцена. Мене лично би ми било големо задоволство кога би се случило такво нешто. Не можам да проценам дали начинот на создавање ваква музика им е непознат на младите или едноставно никој не негува ваков стил. Мора да споменам, дека само посебна публика ужива во ваков музички израз и тоа го покажува секој концерт на „Киборг“. Навистина е големо задоволство да се доживее концерт на „Киборг“ директно од сцената и сите емоции кои можат да се доживеат како директна последица од ваков настан. Затоа, „Киборг“ ѝ е вечно благодарен на својата верна публика.“
„Би сакал да бидеме инспирација за младата публика. Ние како музичари сме директно поврзани со музичкиот стил кој се развивал во Западна Европа и како такви сме „сурогат“ на таа сцена со тоа што твориме во Македонија. Доколку младите нè сметаат за инспирација, тогаш навистина сме постигнале нешто. Но, во ред е и доколку само сакаат да го искусат нашиот стил на музицирање, без ништо подлабоко. Ние сме тука пред сè за ние самите да уживаме во креирањето ваков тип музика. Ќе бидеме среќни ако и денешната младина се пронајде во она во што уживаме и со задоволство го создаваме.“
Во моментов, сите активности на „Киборг“ се насочени кон самостојниот концерт на 6 декември во Младинскиот културен центар. Следниот план е издавање на студиски обработени песни со визуелни записи.
„Всушност, го рестартиравме „Киборг“ најмногу заради концертна активност. Сите ние чувствуваме потреба да музицираме и тоа е нашата зависност. Сме биле членови на повеќе групи кои оставиле свој печат во македонската музичка јавност. Имаме огромно искуство и сакаме да го искористиме за да направиме незаборавни музички претстави кои ќе останат запаметени како едни од најдобрите. Во моментов, „Киборг“ е израз на нашите енергии сплотени во единствената точка – исполнување на дамнешниот сон и во Македонија да имаме квалитетен сајбер-панк бенд со кој ќе се гордееме и ние и идните македонски поколенија.“
Ана Илиева