Владината акција за справување со загадувањето на воздухот е значајна, но е сè уште нецелосна, забележува Светска банка во новата анализата „Постигнување посветла иднина за сите“ во која се разгледува севкупниот напредок на Република Македонија во текот на 27 години по остамостојувањето. Посебен дел од анализата е посветен на аерозагадувањето, каде се даваат препораки за тоа што може да се стори за надминување на проблемот.
Забележуваат дека многу директиви за квалитет на воздухот на ЕУ се интегрирани во македонските закони, а има напредок во известувањето за податоците за квалитетот на воздухот. Како што стои во анализата, Владата се справува со проблемот со големите загадувачи, а како значајна победа се наведува затворањето на „Југохром фероалојс“ во 2016 година бидејќи не успеа да ги исполни стандардите за животна средина.
„По инсталирањето на потребните филтри за собирање прав, се очекува набрзо да продолжи со работа. Владата треба да продолжи да ги спроведува прописите за заштита на животната средина, иако за усогласеноста ќе биде потребна инвестиција, бидејќи многу индустрии сè уште користат стари и неефикасни технологии. Прифаќањето на директивите на ЕУ поврзани со емисиите најверојатно ќе продолжи да ги води јавните инвестиции. Енергетските капацитети на јаглен треба да се усогласат со стандардите на Директивата за индустриски емисии. АД ЕЛЕМ проценува дека се потребни 20 милиони евра за намалување на емисиите на јаглерод диоксид од ТЕ Битола. Механизмите за меѓуинституционална координација за управување со квалитетот на воздухот треба да бидат поефикасни, со јасна отчетност за напредокот. Покрај тоа, инвентарот на емисии треба да се ажурира редовно за да се осигура дека се прецизно опфатени сите извори. Исто така, треба да се подготват планови за квалитетот на воздухот, особено планови за непредвидени ситуации за епизоди на екстремно загадување, во сите зони каде што загадувањето на воздухот ги надминува определените граници“, се вели во дел од анализата.
Сметаат дека загадувањето со ПМ честички може да се реши постепено, но со приоритет на најекономичните и најефективните активности.
Од Светска банка посочуваат дека планирањето кое го ограничува урбаното ширење и го намалува товарот на транспортот и патиштата, ќе помогне да се спречи загадувањето, заедно со подостапен јавен транспорт, што би ги намалил автомобилите на патиштата. Посочуваат дека околу 10 проценти од патничките автомобили и 18 проценти од лесните возила немаат системи за третирање на издувните гасови, како што е технологијата за контрола на емисиите ЕУРО 0. Затоа, сметаат, потребна е мерка за да се обесхрабри употребата на стари возила што загадуваат.
Според Светска банка, треба да се прифати концептот на паметни градови за да се намали на загадувањето на воздухот.
„Приоритетни инвестиции би можеле да бидат прифаќањето на концептите на паметни градови во повеќето загадени градови; промовирање на јавниот превоз, користењето велосипед и одењето пешки; како и подобро управување со паркинзите во центрите на градовите. Неопходно е постепено истиснување на автомобилите и автобусите кои користат Еуро 1, 2 и 3 кој интензивно загадува. Промовирањето на електромобилноста, поддржано со даноци на гориво, треба да биде предмет на разгледување за ПЈР Македонија да преминува кон начини на превоз кои не создаваат високи емисии. Приоритетни активности во врска со домашното греење би требало да бидат обезбедување стимуланси со кои би се поттикнал преминот од дрво и струја кон пелети од биомаса, поефикасни печки и, во некои случаи, природен гас. Неопходно е подобро спроведување на законот во однос на еколошките дозволи за оние дејности кои загадуваат и за градилиштата, што бара градење на капацитетите на Државниот инспекторат за животна средина. Да се воведе политика која го прифаќа принципот „загадувачот плаќа“ и да се воспостави фонд за животна средина во кој би се слевале приходи од казни и други приходи, кои потоа можат да се користат за обезбедување стимуланси за дејноста за да може да премине кон почисти технологии“, стои во анализата.
Напорите за намалување на загадувањето може да бидат насочени кон урбаните области, бидејќи околу половина од смртните случаи поврзани со загадувањето на воздухот се случуваат во Скопје и во неколку други производни центри. Препорачуваат Владата да ги засили моменталните мерки за ублажување во енергетските и индустриските инсталации во Скопје, Битола, Кавадарци, Тетово и Миладиновци.
„Емисиите од домаќинствата што горат дрво, од феролегурите и енергетските сектори, и од асфалтирањето патишта може да се спречат, на пример со замена на неефикасните и високозагадувачките системи за греење и со модифицирање на зградите за да бидат енергетски поефикасни; технологии за собирање прав и стругање во енергетскиот сектор; и колектори за прав за асфалтирање патишта. Мерките за намалување на загадувањето во домаќинствата и сообраќајот може да се зголемуваат: кај домаќинствата има потенцијал да се зголемат сегашните програми за енергетска ефикасност и да се поттикне употребата на поефикасни печки за греење и префрлување на почисти горива, како што се дрвени пелети или природен гас. Слично на тоа, мерките со релативно ниските трошоци, како што е спроведувањето на стандардите за емисии, би можеле да го подобрат управувањето со градскиот сообраќај“, посочуваат од Светска банка.
Во анализата тие повторуваат дека загадувањето е големо, а неговото влијание врз здравјето и проценетите трошоци се значителни. Врз основа на неодамнешните податоци за квалитетот на воздухот, загадувањето со ПМ честички е одговорно за околу 1.600 смртни случаи годишно, со вкупен трошок од 750 милиони долари (6,9 проценти од БДП во 2016 година). Со намалување на ПМ честичките во границите на ЕУ ќе се избегнат над 240 смртни случаи годишно, и ќе се заштедат здравствени трошоци од 111 милиони американски долари. Од 80 општини во ПЈР Македонија, 15 се одговорни за 88 проценти од вкупниот здравствен товар од загадувањето на воздухот, а речиси половина отпаѓа на Скопје, посочуваат од Светска банка.