Во рамките на фестивалот „Таксират“, вечерва од 20 часот ќе се одржи првиот самостоен концерт на Страјк, артист најавен како „сурово искрен е првокласнен андерграунд хип-хоп“.
„Бројните фанови и почитувачи на делото на Страјк, конечно ќе имаат прилика да уживаат во концертната вечер посветена на неговите остварувања, која ќе се одржи на 2-ри декември во Младинскиот културен центар во Скопје“, велат од „Таксират“.
Страјк започнува со снимање во 97-ма година како еден од основачите на Легијата, и еден од првите артисти што соработуваа со „Шурикен Рекордс”, каде се појавува на првото издание – „SK Street Beatz”.
Во 2001-ва заедно со Блажеј ја формираат групата СТР2 – насловена по графитите на Страјк, кратенка за „Стриктно Тврди Рими/Сон-Темнина/Реалност”. Нивниот албум „Не заборавај“ беше издаден во јули 2007.
Во 2002-ра тој настапува како диџеј на Да Џака Накот, со што покрај графитите и рапувањето ја опфаќа и третата гранка на хип-хопот – диџејството, а следната година започнува активна соработка со Диџеј ГОЦЕ (С.А.Ф).
Неговиот први соло студиски албум „Кутија“ доби позитивни оценки од музичката критика и хип-хоп публиката воопшто, а во 2015 го продолжи овој успех и со вториот албум „Земен рај“ продуциран од Диџеј Гоце, како и со бројните соработки со артисти од Легијата.