Откако американските сенатори добија доверливи информации на брифинг со директорката на ЦИА, Џина Хаспел, тие излегле уверени дека Принцот престолонаследник на Саудиска Арабија, Мохамед Бин Салман го нарачал убиството на новинарот Џамал Кашоги.
„Доколку принцот се појави пред порота, би бил осуден за 30 минути“, изјавил за новинарите републиканскиот сенатор Боб Коркер, кој е претседател на комитетот за надворешни работи на Сенатот.
Дополнително уште неколку сенатори од двете водечки партии во САД биле на безбедносниот брифинг со Хаспел, која претходно беше во Турција и ги слушнала аудио материјалите од убиството на Кашоги кое се случи на 2 октомври.
Сенаторите не смееле да ги откријат деталите кои им биле соопштени, но нивните реакции потврдуваат дека ЦИА собрале доволен број докази дека саудискиот принц стоел зад убиството.
Во меѓувреме, администрацијата на претседателот Доналд Трамп соопшти дека не постои „директен доказ“ за вина на Бин Салман, но сенаторот Коркер рекол дека треба да бидете „намерно слепи“ за да не ги видите доказите.
„Не постои начин дека некој сериозно можел да каже дека не знае што се случило“, додал сенаторот.
Турските власти претходно соопштија дека Кашоги бил убиен по само седум и пол минути откако влегол во саудискиот конзулат во Истанбул, каде бил дојден за да подигне документи кои му биле потребни за да стапи во брак со неговата свршеница.
Турските истражители потврдиле дека Кашоги бил задавен пред неговото тело да биде распарчено со пила, која била донесена од тим на 15 луѓе од Саудиска Арабија кои учествувале во убиството.
„На брифингот дојдов со уверување дека скоро е невозможно ваква операција да биде изведена без знаење на саудискиот принц. Брифингот го напуштив уверен дека мојата првична проценка е точна. Мислам дека Мохамед Бин Салман е соучесник во убиството на Кашоги на највисоко можно ниво“, изјавил сенаторот Линдзи Грем.
Американскиот Сенат во следните денови треба да гласа за мерки кои ќе ја прекинат воената поддршка за саудиското учество во конфликтот во Јемен.
Денеска турскиото обвинителство побара апсење на двајца Саудијци поради убиството на Кашоги. Се работи за лицата Ахмед Ал Асири и Сауд Ал Катани, кои според турските служби се главните осомничени за планирање на убиството.
Кашоги повеќе од една година беше во политички егзил во САД, стравувајќи од политички прогон. Новинарот ги поздрави реформите во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот, принцот Мохамед Бин Салман, но продолжи да го критикува неговото автократско владеење.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.