Тригодишнината од постоењето на студентското списание „Излез“, истоимената студентска организација ќе го одбележи со трибината „Студентските медиуми во Македонија: што може иднината да научи од минатото?“, со почеток во 16.00 часот во ЕУ инфоцентарот.
Основачот и прв уредник на студентското списание „Излез“, Даниела Атанасова за Радио МОФ вели дека не е лесно да се оддржува независен студентски медиум во Македонија, особено кога се работи за група студенти, кои без ничија поддршка сакаат да издаваат весник.
„Некои од поголемите предизвици со кои се соочивме се финансиите, бидејќи постојано сме во потрага по средства и не е лесно да се постигне одржливост. Други предизвици кои ги имаме е бројот на волонтери, тешко се доаѓа до студенти кои сакаат да критикуваат, да размислуваат и доброволно да потрошат дел од своето време во еден студентски медиум. Сепак мислам дека засега добро се справуваме со овие предизвици, функционираме и се надевам дека во иднина ќе прераснеме во нешто поголемо“, вели Атанасова.
Izjava na Daniela Atanasova od “Izlez” by Radio Mof on Mixcloud
На дискусијата која ќе се обиде да ги препознае главните медиумски струења на студентскиот активизам, некогаш и денес, ќе говорат Томе Груевски, поранешен директор и уредник во „Студентски збор“, Сашо Ордановски, поранешен уредник и новинар во „Млад Борец“, Ѕвездан Георгиевски, поранешен новинар во „Млад Борец“, Стефан Алексиќ, координатор на Радио МОФ и Жанета Трајкоска, директор на Високата Школа за новинарство и односи со јавност.
Радио МОФ ќе го пренесува настанот во живо, кој ќе може да го погледнете на следниот линк.
По трибината ќе следи поетско/прозно читање организирано од тимот на Ш, книжевниот додаток на „Излез“, и промоција на десеттиот број на списанието, по кои ќе следи забава и дружење со тимот на „Излез“ вечерва во 21 часот во Менада.
К.О.