Говорот „Жед за знаење, љубов и мир“ на студентката Етина Ливарека, го подели третото место на 22. Ораторски вечери „Иво Пухан“ кои се одржаа на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
На финалната вечер говореа вкупно десет студенти на актуелни теми. Покрај говорот на Ливарека, која зборуваше за важноста од почитувањето на различните култури и знаењето, ораторите зборуваа и на теми како неквалитетот на образованието, корупцијата и клиентелизмот, родовата еднаквост, конформизмот…
Во продолжение, Радио МОФ интегрално го пренесува победничкиот говор на Ливарека:
„Жед за знаење, љубов и мир“
Го знаете ли чувството кога некој професор ве чита со погледот?
Тој знае дека сакате да се вклучите во дискусијата, но вие имате потешкотии со јазикот. Чувствувате дека сте разбрани и без да кажете ниту еден збор…
Потоа следи неописливо убаво чувство кога професорот, со насмеано лице, пријателски ви вели:
„Колешке, сакам да го слушам вашето мислење, слободно може да се изразите на било кој друг јазик: англиски, француски, шпански , албански, ромски, турски босански, српски… ако не го знам, ќе најдеме преведувач… битно е да го чуеме вашето мислење!…“
Е, токму во тој миг, охрабрени, се опуштате, чувствувате дека и припаѓате на средината, а зборовите сами почнуваат да течат на македонски јазик.
Жедна за знаење, го одбрав овој факултет, како еден од најпрестижните во Македонија. Вечерва го слушате не само мојот глас туку и мојот став, ставот на една студентка, која ниту претставува, ниту застапува, ниту брани нечија политика!
Jас сум Албанка, го сакам, негувам и почитувам мајчиниoт јазик. Зарем постои некој кој не го сака својот мајчин јазик? Мајчиниот јазик е оној што ни овозможува уште како деца да ги изразуваме нашите чувства и мисли, да се разбираме и социализираме – почнувајќи од семејството до најшироката заедница…и со текот на времето да учиме и други јазици… секогаш свесни дека не сме изолирани и дека потребно е да комуницираме и со различни култури во светот!
Со запознавањето на различни култури сфаќaме дека сите сме луѓе! Луѓе со ненасушна потреба од спорење, сослушување и разбирање на другиот…
Хуманистички звучи францускиот писател, Волтер кога вели : “Јас не се согласувам со тоа што го зборуваш, нo до смрт ќе го бранам твоето право да го искажеш тоа“.
Можеби постојат разни мотивирачки цитати, тажни, смешни, провоцирачки изреки, но сигурна сум дека само критичката мисла кон општествените неправди, онаа која повикува и се бори за еднаквост на човековите права се вградила како непресушно знаење во нас.
За жал, сè уште сме сведоци на дискримнација врз основа на пол, класа, вера, нација и раса, но, едно од најголемите зла беше и остана “незнаењето”.
Да ве потсетам на сократовата мисла: „Постои само едно добро, а тоа е знаењето и едно лошо – незнаењето“. Овој век мора да стави крај на незнаењето. Нема оправдување за неговото опстојување и ширање. Еден мудрец рекол: „Оној што сака да направи нешто, ќe најде начин да го стори тоа, а оној кој не сака, секогаш ќе бара изговор“.
Со моќта на волјата, човекот се менува самиот себе, а со моќта на љубовта, човек ги менува другите. За да ги менуваш другите треба да почнеш од себе, и многу важно e да се разбере дека тоа е одговорност на секој еден од нас, без разлика на која и каква заедница припаѓаме. Сè што правиме создава вибрација, добрата енергија го прави овој свет подбар, а лошата полош.
За крај, не смееме да заборавиме дека мирот е доблест на цивилизираното општество. Љубовта кон оваа земја, не треба да биде бoрба за моќ, туку потик за меѓусебно разбирање. Кога моќта на љубовта ќе ја надвладее љубовта кон моќ, оваа земја ќе живее вo мир!