Мисијата на денешна демократска Р.Македонија е да се најде на листата на европското семејство. Толку е себично тоа да го бараме од самите нас преку политичките форми, а да не можеме да имплементираме барем еден донесен закон во нашата држава. Да се потсетиме и да се навратиме на Законот за јавна чистота, објавен во Службен весник во 2008 година. Закон кој пропишува дека ќе се казнува секој граѓанин кој ќе плука, фрла отпадоци зад себе, фрла опушоци од цигари т.е. оној граѓанин кој ја загадува средината. Се уште се пишува по разни форуми, за некого добар а за некого лош закон, а казната беше 50 евра од прекршок. Во Тетово како град некако тоа остана како црна точка, но и денес е уште позацрнета бидејќи се дозволува да се пуши во државни институции и јавни локали како кафе-барови и ресторани. Никој не презема никаква иницијатива да се почитува законот, а тоа автоматски значи непочитување кон законите донесени во една независна, суверена држава. Градот под Шара, со дупки по улиците, во кој има луѓе -интелектуалци во секој поглед, во најосновниот начин на културата никаде ги нема. Жени и мажи во години, без разлика на нивната националност, плукаат по улиците без да размислат дека нивните внуци ќе го прегазат секој нивен отфрлен состав од нивниот организам. Жално! Како во хорор-филм.
Кога размислуваш да не ја почитуваш државата во која живееш плукајќи по улиците, не почитувајќи ги законите кои велат дека се забранува пушење на јавни места, тогаш ти самиот не се почитуваш себеси и се давиш во сопствената нечистотија. Под тоа се подразбира нагонот кој владее со човекот и неговата ниска свест. Таквиот човек каде и да се наоѓа, ако му се даде таа слобода да се претвори во “амеба”, тој тоа и ќе го стори додека државата финансиски не го удрим по џебот. Очигледен факт е дека во еден нов цивилизиран свет потребно е бидеме луѓе со свест, а не штетници кои само гледаат да направат некаква “еколошка катаклизма” на природата и природните закони околу нас. Не ни е потребно да се раскажува како е во европските градови, додека тука не го применуваш тоа што си го видел таму, додека си работел како “печалбар” на црно, и си живеел во туѓина. Да не очекуваме култура, а најмалку уметност кога народот не го познава основниот начин на културен живот во град. Заклучокот се решава во строгоста на инспекторите и полицијата. Да се удри по џебот на граѓаните за да се научат како се живее во град.
М – р Глигор Кондовски
Медиа/арт клуб Тетово