Турските медиуми објавија видеоснимка која прикажува како саудискиот специјален тим за егзекуција изнесуваат вреќи во кои се верува дека се наоѓаат посмртните остатоци од новинарот Џамал Кашоги, чие убиство предизвика глобална осуда.
Снимката го прикажува доаѓањето на неколкуте членови на тимот во резуденцијата на саудискиот конзул во Истанбул, на денот кога е убиен Кашоги во конзулатот, оддалечен неколку стотина метри од куќата.
Еден од членовите на тимот за егзекутирање може да се види како носи црни вреќи, кои според турските медиуми веројатно содржат делови од телото на убиениот новинар, кој беше голем критичар на саудискиот принц престолонаследник – Мохамед Бин Салман.
Кашоги влегол во саудискиот конзулат на 2 октомври за да добие документи за развод од неговата поранешна сопруга. Во конзулатот бил убиен и распарчен на делови, дело кое турските власти го карактеризираа како убиство со предумисла, организирано од властите во Саудиска Арабија.
Саудијците го негираат тоа и тврдат дека Кашоги бил убиен во операција на „одметнати агенти“, иако првично тврдеа дека новинарот жив го напуштил конзулатот.
Саудиските власти претходниов месец побараа смртна казна за пет неименувани осомничени за убиството на Кашоги, а подигнато е обвинение за 11 лица.
Кашоги повеќе од една година беше во политички егзил во САД, стравувајќи од политички прогон. Новинарот ги поздрави реформите во Саудиска Арабија од страна на престолонаследникот, принцот Мохамед Бин Салман, но продолжи да го критикува неговото автократско владеење.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.