Летото во југоисточен Бразил покрај зголемените температури донело и несекојдневен „дожд“ од пајаци.
Жителите на руралната област во јужната федерална држава Минас Гераис успеале да снимат видео од небото исполнето со пајаци, невообичаен феномен кој експертите велат дека е редовна појава кога во регионот се појавува топло и влажно време.
Жоао Педро Мартинели Фонсека, кој го снимил едно од најсподелуваните видеа бил на пат кај неговите дедо и баба, кога сфатил дека небото е исполнето со црни точки. За локален весник тој изјавил дека бил „исплашен и шокиран“, особено кога пајаците почнале да влегуваат низ отворениот прозорец на автомобилот.
Слична појава се случила и во 2013 година. Иако изгледа како пајаците да паѓаат од небото, всушност тие висат на огромна пајажина за да го ловат својот плен, објаснува Адалберто Дос Сантос, професор по биологија и експерт за пајаци на Федералниот универзитет на Минас Гераис.
Видот parawixia bistriata е редок пајак чија пајажина е толку тенка што е скоро невозможно да се забележи со човечко око и оддава илузија дека пајаците лебдат во воздухот. Дос Сантос објаснува дека за време на денот пајаците вегетираат и се појавуваат на почетокот на ноќта за да распнат џиновска мрежа која се протега меѓу дрвата и гранките. Утрото го јадат пленот уловен преку ноќта, вообичаено мали инсекти, но некогаш и мали птици, пред да се вратат во состојба на вегетација.
Иако за луѓето овој „дожд од пајаци“ изгледа застрашувачки, Дос Сантос вели дека немаат потреба да стравуваат бидејќи отровот од овие видови пајаци не е штетен за човекот. Тој додава дека ловејќи го нивниот плен, како мувите и комарците, пајаците многу повеќе прават услуга, отколку што штетат на луѓето.