Зелен катастар за Скопје – досега попишани 65.844 дрвја

Град Скопје денес информира дека има помрднување во изработката на Зелениот катастар на јавните зелени површини во главниот град, за кој во соработка со УНДП влегле во напредба фаза. Ова значи, досега се попишани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки.

Основна цел на овој проект, велат од Градот, е заштита на животната средина, подобрување на управувањето со јавното зеленило, како и зајакнување на урбаната отпорност преку собирање и анализа на просторни податоци за зеленилото,

„Зелениот катастар треба да обезбеди прецизни и квалитетни податоци со помош на кои ќе може целосно да се спречи непотребното сечење или оштетување на дрвјата и целосното уништување на зеленилото за потребите на разни градежни активности, подобро планирање во насока на зачувување на постојното зеленило, поквалитетно одржување  и ред други предности“, рече денес градоначалникот Петре Шилегов.

Поради комплексноста на работите, активностите се реализирале во фази. Досега геодетски се снимани зелени површини и дрвја, грмушки, и парковска инфраструктура. Изработена е и ГИС апликација за преглед и управување со јавното зеленило на територијата на Град Скопје.

„Со геодетското снимање опфатено е зеленило на површина од 650 хектари.  Во оваа фаза тоа го опфаќа булеварското зеленило и парковското зеленило што е под надлежност на Град Скопје. Исто така, реализирана е т.н. инвенторизација на теренот која подразбира попис на дрвјата и грмушките, со собирање податоци за видот на дрвото, неговата здравствена состојба, големина, ширина и неговата точна местоположба. Досега се попишани точно 65.844 дрвја и 28.395 грмушки“, рече Шилегов.

Во следните фази предвидено е снимање на зелените површини на институциите што се под надлежност на Град Скопје (јавните претпријатија, јавните установи, средни училишта. Заедно со општините треба дополнување и на зеленилото под нивна надлежност (блоковско зеленило, зеленило под надлежност на основните училишта и градинките). Во најнапредната фаза се предвидува и отворање модул во кој секој граѓанин ќе може да го впише и зеленилото од сопствениот двор.

Шилегов тврди дека оваа интерактивна алатка ќе биде континуирано ажурирана од ЈП „Паркови и зеленило“ со дополнување на новото зеленило и ново насадените дрвја.

Градоначалникот спомена дека со помош на Шумарскиот факултет работат и на мапирање и ослободување на заробени стебла и корени на дрвја со градежен материјал поставен при нестручно изведени градежни активности, проблем за кој веќе објави Радио МОФ.

Кирил Сотировски, декан на Шумарски факултет: Скопје напролет мора да ослободи стотици „зацементирани“ дрвја

„Зелениот катастар, како и останатите проекти за заштита и унапредување на животната средина на кои е посветена оваа градска администрација се од витално значење за обезбедувањето одржлив урбан развој на градот“, рече денес Шилегов.

Инаку, Зелениот катастар со години е споменуван од градските власти од сите досегашни раководства. Катастарот долги години чекаше во иста чекална со Законот за зеленило, од кампања до кампања.

За Катастарот секоја година се издвојуваат средства во градскиот буџет, а претходно беше споменувано дека делумно ќе биде подготвуван по примерите на регулативите од Австрија и Германија, но, пред сè, воден од автентичните потреби и проблеми. Досега како потенцијални донатори за катастарот беа споменати имињата од типот на РЖ „Институти“, „Дуна компјутери“, „Окта“, „Усје“, „Топлификација“, но сето тоа заврши меѓу ветувањата, можностите и желбите на локалните власти да ја покажат пред јавноста својата „зелена“ иницијатива.

Вечната ситуација „статус кво“ со Катастарот во 2012 година ја натера невладината организација „Плоштад Слобода“ да направи, а потоа во 2013 да го објави пописот на дрвја во центарот на Скопје во ДУП „Мал Ринг“.

Активистите попишаа вкупно 1.646 дрвја, од кои 313 зимзелени и 1.333 листопадни, што претставуваше првиот попис во градска средина во Скопје.

Пописот резултираше со со мапа на дрвјата во „Мал ринг“ каде секое дрво има своја „лична карта“ со идентификациски  број на дрво (секое дрво има свој број), вид на дрво (тип на зимзелено или листопадно дрво), дебелина на стебло, висина, старост, состојба (здраво, болно или мртво), локација на стебло (трева, тротоар или трева во тротоар) и радиус на крошна.

„Идејата на пописот не е само да се претстават информации, туку и да се претстави можен метод на  теренско попишување на дрвја кој може да се примени во која било градска  средина. Како пример беше земена методологијата користена на Пописот на градски  дрвја во Њујорк, 2005-2006, (линк), која е базирана на  волонтерска  работаи користење на мапа на урнеци од листови од дрвја (leaf key) според кои може да се  препознае видот на дрвото. Ваквиот вид на попис може целосно да се изврши со помош на волонтери, кои немаат професионално познавање од областа на шумарството (волонтерите би имале еднодневна обука)“, стои во документот-истражување на „Плоштад Слобода“.

Истражувањето покажа дека зеленилото во централното градско подрачје („Мал ринг“) во 2002 година изнесуваше 75.649 квадрати. Во 2013 година има 50% помалку зелени површини отколку во 2002. Активистите проектираа дека до 2017 година зелените површини ќе дојдат до 18.690 квадрати, во превод – 75% намалување во споредба со 2002 година.

Б.Ш.