Државата треба активно да се вклучи во рециклирањето, не само преку системи на контрола и законски регулативи, туку и преку мотивација, на пример даночни олеснувања, наместо тоа да се остави на совеста на приватните компании.
Во познатата сцена од анимираниот филм Бамби, малото и кутро срнче, непосредно по раѓањето, несигурно стапнува на четирите нозе, небаре чепкалки, и ги прави првите чекори во страшната и непозната шума… Рециклирањето во Македонија денес е на исти такви несигурни нозе, неподдржано од државата и оставено на совеста на граѓаните и неколкуте приватни фирми кои се обидуваат самостојно да се справат со овој проблем кој е голем колку планина. Но, проблемот постои и на светско ниво.
Дали умот ни оди подалеку од контејнерот?
Секој што патувал низ Македонија станал свесен за проблемот кој го имаме со ѓубрето. Тоа е насекаде, во ендеците покрај патиштата, по падините на планините, во реките, на улиците, тревниците, пред зградите итн. Колку и да не сакаме да го признаеме овој проблем, нашите гости од странство (па дури и тие од eвропски земји кои имаат помал БДП од нас, како Молдавија, а во случајов посведочено од авторот на текстов) честопати ни посочуваат на тоа.
Тоа е првото прашање со кое се соочуваат граѓанските иницијативи најчесто организирани преку Фејсбук, како групата „Не фрлај, не загадувај“. Социјалните медиуми имаат голема моќ за промена на општеството кон подобро, по примерот на различните т.н. Фејсбук револуции, почнувајќи од познатата Иранска револуција од 2009 година. Членовите на групата „Не фрлај, не загадувај“ ги лоцираат местата кадешто има мини-депонии, ги документираат и ги посочуваат на надлежните преку интерактивна мапа, за тие соодветно да реагираат. И навистина, дел од овие места се исчистени со поддршка од Град Скопје и нивната акција за пријавување на вакви места, за што беа користени линкови од групата.
Тоа што не е исчистено членовите го чистат сами. Се организираат акциии, се повикуваат станарите сами да излезат пред своите згради и да се справат со отпадот. Дел од овие акции е успешен и отпадот завршува таму каде што треба – во контејнерите. Но, тогаш, како во момент на просветление, се наметна прашањето „што понатаму?“, прашање кое останува отворено.
„Далеку од очите, далеку од умот“
Навистина, што се случува со отпадот откако ќе се собере од контејнерите и ќе се однесе на депонија. Тој се складира, се распаѓа, ја загадува почвата, ги труе живите организми, се пали и го загадува воздухот или си го наоѓа патот до водите и океаните. За ова прашање се’ повеќе се зборува во светските медиуми. Во едно неодамна објавено видео од Seeker, американска дигитална медиумска мрежа, се дискутира за земјите кои произведуваат најмногу пластичен отпад и со тоа ги загадуваат океаните.
Видеото почнува со податокот дека Кина е најголем загадувач на океаните, што веднаш предизвикува скептицизам кај гледачот. Но, потоа е објаснето дека Кина не е најголем производител, туку најголем увезувач на отпад. Според статија во The Verge, американска мрежа за вести од областа на технологијата, уште од 1988 година половина од светскиот отпад завршува во Кина! Но, од 2018 година (30 години подоцна), Кина повеќе не увeзува отпад. Со тоа ја снема црната дупка во која високо-развиените земји (пред се’ САД) мислеа дека отпадот едноставно исчезнува. (Графиконот е од статија објавена во интернационалниот дневен весник Financial Times.)
Одлуката на Кина конечно да се погрижи за сопствените еколошки проблеми предизвика вистинска паника кај американските фирми за собирање отпад и кај брокерите кои седат во модерно дизајнирани канцеларии и преку компјутер и телефон тргуваат со отпадот, а при тоа не си ги валкаат рацете. Тоа може да се види во уште едно многу информативно видео на Vice News, сајт за документарни есеи кои честопати обработуваат контроверзни идеи и појави, на темата за криза на рециклирањето. Други извори, како ReThink Disposable, американска програма и фонд за чиста вода, предвидуваат крај на рециклирањето, но има и такви, како Adam Minter, колумнист на Bloomberg, кои сметаат дека за тоа на крајот ќе плати обичниот потрошувач… Какво сценарио и да се предвидува, вистината е дека не постои држава која може сосема да се справи со отпадот, и во иднина ќе се создава само повеќе отпад и тој ќе претставува уште поголем проблем.
Информација и акција
Во групата „Не фрлај, не загадувај“ се наоѓа еден документ отворен за сите членови кои можат да го менуваат и дополнуваат и содржи долга листа на компании во Македонија кои се бават со селектирање и рециклирање на отпад. Таму се сретнуваат компании кои рециклираат хартија, пластика, лименки, стакло, железо, електричен, електронски и отпад од батерии, како и такви кои собираат органски отпад и од него прават композит или го собираат отпадното масло за готвење од домовите на граѓаните.
Сосема друго прашање е како се рециклира во Македонија и колку овие практики кои треба да ја зачуваат околината може да го имаат спротивниот ефект. Според статија во The New York Times, како и од многу други извори, ако не се спроведува правилно, рециклирањето, на пример, на електронскиот отпад може да биде опасно по луѓето и околината. Затоа е потребно државата активно да се вклучи во рециклирањето, не само преку системи на контрола и законски регулативи, туку и преку мотивација, на пример даночни олеснувања, наместо тоа да се остави на совеста на приватните компании. Во групите за заштита на околината има и информации за некои од овие компании кои се само агенции за односи со јавност, кои поставуваат контејнери за рециклирање и потоа проблемот го препуштаат на јавните служби, без грижа каде завршува тој отпад. Сепак, една работа е зачудувачка – колку повеќе човек истражува на темата на рециклирањето, толку повеќе се соочува со мистерии и неразјаснети прашања околу проблемот со фрлањето, селектирањето, депонирањето и рециклирањето на отпадот.
Кој што и како рециклира во Македонија?
Конкретно, во Македонија, Пакомак се перцепира како најодговорна компанија која спроведува кампањи за едукација и поставува контејнери за собирање отпад и тоа претежно отпад од амбалажи (хартија, пластика, лименки, стакло). Понатаму се истакнува Еко енерџи системкомпанија со многу широк дијапазон на рециклирање лоцирана во Кавадарци.
Другите компании се претежно специјализирани. На пример, за пластика е специјализирана компанијата Гринтех МК, за хартија DS Smith, за железо Еко циркон, за стакло Акрон Доо. Елколекте специјализирана за електричен и електронски отпад и отпад од батерии и акумулатори, а покрај инфраструктурата која ја има поставено во голем број општини, организира и наградни игри за подигнување на јавната свест кај населението. Ова се нивните локации на контејнери за е-отпад. Освен нив, слична дејност имаат и Екоцентар 97.
Интересни се и иницијативите за собирање на органски отпад, како акцијата на Sunilens Dooel кои го собираат отпадното масло за готвење од домовите и МаМаОргана со два пунктови за собирање на органски отпад од кој се прави композит во населбите Лисиче и Маџари.
Како сето ова е регулирано од страна на државата стои во документот насловен како Закон за управување со пакување и отпад од пакување, кој е стапен на сила од 2011 година, а во врска со толкувањата на самиот закон и неговото спроведување во Македонија, како добар извор на информации е статијата од Deutsche Welle насловена како „Рециклирањето на отпадот во Македонија има еколошки и економски ефекти“.
Темата не е „заклучена“
Темата на рециклирањето не е едноставна, ниту може да се донесе дефинитивен заклучок, од проста причина што рециклирањето во Македонија и во светот не е завршен проблем. Потребно е постојано да се преиспитува и отвора ова прашање. Закони во Македонија постојат, како и начини за селектирање и рециклирање на отпад. Но, исто така постојат и шпекулации, како и сведоштва на граѓани дека сите овие елементи не функционираат практично. Најчесто наведуван пример е дека селектираниот отпад завршува во контејнер со мешан отпад. Приватните компании спроведуваат работилници и кампањи за едукација, но би требало и самата држава поактивно да се вклучи во нив, со механизми за награда, но и за казна. Нам, како граѓани, ни останува да се погрижиме да селектираме правилно. Но, уште поважно од селектирањето и рециклирањето е реупотребата и намалената употреба на нештата и тоа е следниот чекор на кој институциите треба да му посветат внимание.
Бранко Прља
**Бранко Прља дипломирал на факултетот за Арт и дизајн на Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“, преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.