Дваесетина културни работници и уметници од Кочани покренаа иницијатива за основање на професионален театар во Кочани. Градот има државна аматерска театарска сцена и фестивал, но сега кочанските културни работници бараат да се возобнови некогашниот Народен театар.
Дарко Јан Спасов, еден од поддржувачите на оваа идеја и актуелен претседател на Управниот одбор на Драмскиот аматерски фестивал, смета дека сега Кочани има историска шанса за културен исчекор.
„Убеден сум дека ќе успееме да го оствариме сонот на многу актери, режисери, мултимедијални работници кои работеле на сцената во Кочани. Ние и не размислуваме поинаку, затоа што како група ентузијасти веќе работиме на подготовка на премиерна претстава што ќе ја означи работата на новиот театар“, вели Спасов.
Народниот театар, како професионален театар во Кочани работеше само од 1951 до 1959 година, раководен од еден од најпознатите културни дејци на Кочани, Борис Стојчев.
Општината Кочани, по прифаќањето на иницијативата со одлуката од страна на Советот на Општина Кочани, документацијата веќе ја испратила до Министерството за култура.
Извор: Мета