Под мотото „15 минути за чист воздух“, иницијативата „Здружени за чист воздух“ во петок ќе излезат на краток, предупредувачки протест и блокада на влезот на депонијата „Дрисла“.
Блокадата симболично се организира од 12:05 до 12:20 часот, бидејќи сметаат дека работата веќе доцни, односно е дојдено времето „10 минути по 5 до 12“.
„Ова е само почеток, не се планира голем протест, туку е опомена. Ќе се постават барања и одредени прашања до надлежните институции, кои ќе мораат да поведат малку сметка што влегува во државава, што се пали во државава, од каде потекнува загадувањето. Според нас, ова е блокада на изворот на загадувањето. Ние не можеме да тврдиме со сигурност дека ‘Дрисла’ загадува најмногу, но не можеме да кажеме и дека не е загадувач. ‘Дрисла’ е загадувач, имаше веќе снимки. Кај нас веќе не ‘палат’ работи од типот дека ‘имало дефект’ или ‘не ни работи печката’“, вели Марјан Ненов, дел од „Здружени за чист воздух“.
Според Ненов, ова е почеток на она што се ширеше низ социјалните мрежи како најава за радикализација.
Не верува дека овде ќе застанат, туку, вели тој, сакаат да соберат повеќе активисти и понатаму да иницираат масовност, мобилизација против загадувањето.
„Ова е предпротест, а организациите со локалното население, и во Батинци и во Драчево, ќе може понатаму да направат помасовен протест. Проблемот со загадувањето го ставаме на повисоко ниво. Нашата граѓанска иницијатива ја викаме Здружени за чист воздух, составена од разни еко-активисти, дел и од луѓе што претходно беа во 02 Коалиција. Ја сменивме тактиката и ќе делуваме поинаку, во корелација со независната мрежа ‘Аirly’. Ќе ги лоцираме загадувачите и ќе се развиваме“, потенцира Ненов за Радио МОФ.
„Дрисла“ во изминатиов период повторно влезе во јавниот фокус откако се појавија снимки со црн чад како излегува од депонијата.
Државниот инспекторатот за животна средина, но и управата на „Дрисла“, тврдеа дека се работело за дефект на филтерот, а, кога е таа во функција, редовно се контролира и е во рамки на дозволеното.
Извршниот директор на „Дрисла“, Горан Ангелов, во гостување на 1ТВ рече дека решиле за согорување на медицинскиот отпад, наместо досегашниот инселератор да се постави „современа технологија, односно стерилизатор“, кој ќе стигне пролетва.
„Стерилизаторот не го гори отпадот, туку го стерилизира, неутрализира и го претвора во комунален отпад. Со тоа не се испуштаат никакви штетни честички во воздухот. Стеризаторот ќе се набави од италијанско-белгиска фирма и чини околу 1,3 милиони евра. Кога ќе се набави, сегашната печка ќе се користи само за уништување на ситен отпад, како банкарски картички, документи. Стерилизаторот ќе има капацитет за обработка на медицинскиот отпад од цела Македонија“, рече Ангелов, тврдејќи дека „Дрисла“ при уништувањето на отпадот не загадува, а надминувањата на концентрациите што понекогаш се појавувале биле од камионите кои постојано влегуваат и излегуваат од депонијата.
Инаку, „Дрисла“ пред една година беше казнета со 8.500 евра. По допрен глас, Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет за кривично дело „загадување на животната средина и природата“.
Ова дојде откако Државниот инспекторат за животна средина констатираше дека не ги почитува протоколите за горење медицински отпад. Медиумите и претходно низ годините пишуваа за тоа дека инсинераторот не ги исполнува стандардите и постојано се повторуваат најави дека се планира негово менување.
Актуелен во земјава потоа стана и текстот на британскиот весник „Гардијан“ од 2001 година, кога пишуваше дека на Македонија и бил доделен инсинератор од британската Влада. Тој би бил нелегален во Британија, а доколку Македонија се приклучи во ЕУ, пишуваше „Гардијан“, инсинераторот ќе мора да се отстрани бидејќи е опасност за локалните жители и ги прекршува стандардите на ЕУ.
Во април 2018 во депонијата беше пуштен во употреба новиот филтер за согорување на медицински отпад, а скопскиот градоначалник Петре Шилегов тврдеше дека „Дрисла“ повеќе нема да го загадува воздухот.
Бојан Шашевски