Територијалните противпожарни единици во земјава имаат само 220 возила за противпожарна заштита во кои влегуваат не само цистерните и возилата за гасење пожар, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Во земјава има 30 вакви единици, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
Просечната старост на овие возила е 27 години и дури 154 од 220-те возила (70%) се произведени во минатиот век. Најстари се две возила од 1966 година кои ги поседуваат Струмица (од марката ФАП 13) и Валандово (од марката ТАМ 5500).
За споредба, министерствата и општините имаат на располагање 2645 патнички возила, што значи дека на секое 12-то патничко возило доаѓа по едно специјално противпожарно возило. Притоа, за разлика од патничките возила кои главно се купуваат од буџетски пари, значаен дел од специјалните противпожарни возила се добиени како донации. Кај патничките возила има обратна ситуација, односно само 29% се од минатиот век, а 71% се купени во новиот милениум. Наспроти 27-те години на противпожарните возила, патничките просечно се стари 12,5 години.
Возилата на Кратово се најстари – со просечна старост од 39 години, додека најмладиот возен парк го има Велес – со просечна старост од 18 години. Покрај Кратово, просечната старост поголема од 30 години имаат и возилата на противпожарните единици во: Битола, Гевгелија, Крива Паланка, Крушево, Охрид, Свети Николе, Струга и Струмица.
Согласно бројот на жители, очекувано, најмногу возила има територијалната единица на Град Скопје со 47 возила, просечно стари 26 години.
Следува Битола (чија територијална единица ги покрива и Новаци и Могила) со 13 возила, со просечна старост од 30 години. Во групата на територијални противпожарни единици со повеќе од 10 возила спаѓа уште и Струмица (која ги покрива и општините Босилово, Василево и Ново Село) со 12 возила, просечно стари 30 години.
Најмалку, односно по 3 возила имаат територијалните единици во Демир Хисар (просечно стари 28 години), Кавадарци (просечно стари 25 години), Кратово (просечно стари 39 години), Крушево (просечно стари 38 години) и Македонски Брод (просечно стари 21 година).
Поради староста на возилата, голем дел од општините не поседуваат воопшто податок за вредноста на овие возила. Од 220-те возила, податоци за вредноста има само за 77 возила. Тие, кога се набавиле или биле добиени како донација, вределе 2.975.318 евра, односно просечната вредност на едно возило била 38.640 евра.
Базата на податоци на сите противпожарни возила е изработена врз основа на податоци обезбедени од секоја од 30-те територијални противпожарни единици, врз основа на доставено барање за информации од јавен карактер. Оттука, за точноста на податоците одговорноста ја имаат општините како иматели на овие информации. Целта на оваа база е да ја зголеми информираноста на граѓаните за овој значаен аспект од секојдневното живеење.
Податоците од оваа база, како и од сите претходни, Центарот за граѓански комуникации ја става на располагање во отворен формат за да послужи како основа за натамошно користење и истражување од страна на новинарите, граѓанските организации, науката и сите други заинтересирани страни. Во крајна линија, целта е сите заедно да придонесеме за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.
Инаку, согласно Законот за пожарникарство, територијални противпожарни единици формираат Градот Скопје и општините: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово, Штип, Ресен, Кавадарци, Валандово, Дебар, Берово, Виница, Делчево, Крива Паланка, Кратово, Струга, Кичево, Крушево, Македонски Брод, Радовиш, Свети Николе, Пробиштип, Демир Хисар и Неготино.
Притоа, противпожарните единици ги покриваат следните општини: Битола за општините Новаци и Могила; Велес за општините Градско и Чашка; Гевгелија за општините Богданци и Дојран; Гостивар за општината Врапчиште и делот Маврово од општината Маврово – Ростуше; Кочани за општините Зрновци и Чешиново; Кумaново за општините Липково и Старо Нагоричане; Охрид за општината Дебарца; Прилеп за општините Долнени и Кривогаштани; Струмица за општините Босилово, Василево и Ново Село; Тетово за општините Брвеница, Јегуновце, Теарце, Боговиње и Желино; Штип за општината Карбинци; Кавадарци за општината Росоман; Дебар за општината Центар Жупа и делот Ростуше од општината Маврово – Ростуше; Берово за општината Пехчево; Делчево за општината Македонска Каменица; Крива Паланка за општината Ранковце; општината Струга за општината Вевчани; општината Македонски Брод за општината Пласница; општината Радовиш за општината Конче; општината Свети Николе за општината Лозово, општината Неготино за општината Демир Капија и градот Скопје за општините Петровец, Илинден, Арачиново, Чучер – Сандево, Сопиште, Студеничани и Зелениково.
Заради оперативно делување при гаснењето на големи пожари на целата територија на Република Македонија, територијалните противпожарни единици на градот Скопје и општините: Битола, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Кичево, Охрид, Кочани, Штип и Гостивар, дејствуваат и како противпожарни единици на Република Македонија.