Поттикнати од резултатите од „Годишниот конкурс за проекти од национален интерес во културата за 2019 година“ и актуелните состојби во Министерството за култура, повеќе културни работници и организатори на фестивали се здружија во иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“, барајќи транспарентно системско планирање и развој на културата.
Тие имаат пет генерални барања кои ги доставија до Собранието, премиерот и неговиот советник за култура, министерот за култура и националниот координатор за развој на културата и меѓуресорската соработка.
Од иницијативата бараат средба со надлежните, транспарентна ревизија на поддржаните проекти и повторно разгледување на одбиените проекти во сите дејности. Потоа, воспоставување на нови и јасно мерливи критериуми за оценување и одлучување, зголемување на буџетот за поддршка на културни и уметнички програми, но и финализација и ставање во функција на новиот Закон за јавен интерес во културата.
Во иницијативата се вклучија „Локомотива – Центар за нови иницијатива во уметноста и културата“, „Театар на Навигатор Цветко“, Кино Култура, Факултет за работи што не се учат/ АКТО Фестивал за современи уметности, Интерарт културен центар – Танц Фест Скопје и Скопје танцов театар, како и ПМГ Рекордингс.
„Во хаосот од натрупани проблеми на полето на културата во земјава: нетранспарента поделба на јавните средства, пазарниот однос кон културата , нерегулираните работни односи, тромавата институцонална сцена, функционира кревкиот вон-институционален с ектор каде не постои никаква валоризација или вреднување на трудот на самостојните уметници и културни работници. Нашата работа се сведува на ниво на хуманитарна задача или волонтирање, иако работиме на транспарентен и профсионален начин. Во ваквата ситуација мерењето на тоа кој колку добил само е појачано од засилената неолиберална парадигма: во трката секој да се докаже, натпреварот и конкуренцијата растат и пазарните врдности се зголемуваат, а не се размислува за суштинско и системско решавање на работите или поинаков модел на распределба на јавните средства во културата како најважната алка во општественото функционирање! Вреднувањето на трудот на културните работници е суштински чекор во развојот на културата и уметноста како и борбата за транспарентно јавно финансирање на културата! Борбата не е во насока МНОГУ или МАЛКУ, туку, ШТО, КАКО и за КОГО се делат средствата за културата. Не сакаме случајна распределба на средства. Не сакаме да се доведуваме во ситуации на снаоѓање. Сакаме да работиме во услови каде може да живееме од својата работа“, велат визуелниот уметник Филип Јовановски и кураторката Ивана Васева, кои ги претставуваат АКТО фестивалот за современа уметност и Факултетот за работи што не се учат (ФРУ).
Вчера министерот за култура Асаф Адеми се сретна со дел од апликантите чии проекти беа одбиени. Претходно, комисиите одлучија да одвојат дополнителни средства за дел од проектите кои беа одбиени и ги повикаа да достават дополнителни појаснувања и документација.
„Министерството за култура ја информира јавноста дека постапката за разгледување на пријавите доставени на годишните конкурси е во согласност со Законот за културата и дека при одлучувањето комисиите не подлегнувале на какви било притисоци, туку се раководеле според пропишаната норматива поврзана со годишните конкурси“, се вели во соопштението на Министерството за култура.
Според Законот за општата управна постапка, министерот има рок до 11 март да ги донесе решенијата за проектите кои се поддржани, односно одбиени на годишните конкурси.
Но, за Биљана Тануровска-Ќулавковски проблемот е во погазување на принципиелноста. Дејностите и содржините растат, а буџетот останува ист. Според неа, целата идеја на иницијативата е да се види дали може заеднички да се решат проблемите.
„Досега направивме Национална стратегија која не се спроведува, почнавме да правиме Закон за култура и тој застана, не се спроведува, па почнавме да правиме некои критериуми, работни групи, и тие не се спроведуваат… Мислевме дека е многу битно да се дигне глас“, вели таа.
Од иницијативата информираат дека надлежните имаат рок од 7 до 10 дена да одговорат на нивните барања.
Емилија Петреска