По палењето трска околу Струга, граѓанската иницијатива Охрид SOS реагира на уништувањето на крајбрежјето на Охридското езеро.
„Продолжува самоволието на одредени поединци, на кои не им пречи постојаниот притисок, медиумско експонирање на проблемот изминатиов период, па на одредени парцели помеѓу Струга и Калишта тампонираат, поставуваат бетонски огради, палат трска и друга вегетација среде бел ден, а на повеќе локации се депонира и градежен шут. Се чини како да е ова ничија земја, како да не важат овде законите на државата, како да нема никаква контрола од надлежните институции“, посочуваат од иницијативата.
Оттаму укажуваат дека се користи секој момент, поради најавата на Владата дека ингеренциите за плажите во Охрид и Струга ќе преминат од општинско на државно ниво.
„Не се знае кој узурпира, кој гради, на терен беа лица со приватни возила, израмнет терен, на неколку места изградени објекти непосредно до езерото, паркирани возила, оградено со жица. Во прилог само неколку фотографии. Глетката е ужасна. Оваа ситуација не беше спомната во одговорот на македонските институции до УНЕСКО. Свесно е премолчено ова намерно уништување на природата, појасот трска кој е овде најконзистентен. Сите молчат, локацијата е надвор од градот, незабележлива, што е уште еден поволен момент за овие узурпатори“, критични се од Охрид SOS.