[Интервју] Иницијатива Treebanks – со секое патување засадувате дрвце и го намалувате нивото на CO2

Михаил, Невен и Митко Стевчеви од неодамна започнаа иницијатива со која сакаат да ги поттикнат луѓето да размислуваат на животната средина секој пат кога се решаваат да патуваат. Па така, тимот составен од софтверски инженер, земјоделски агроном и доктор по општа медицина се обиделе да го најдат „ќарот“ во садење дрвја.

„Во 2018 годината нивоата на јаглерод диоксид достигнаа рекордно високо ниво во човечката историја. Ова претставува сериозен проблем кој човекот не може лесно да го материјализира како закана за неговото постоење. Сериозни претприемачи работат на решавање на овој проблем. Секојдневно излегуваат различни решенија кои пробуваат да се справат со високите нивоа на јаглерод диоксид. Ние одлучивме да придонесеме во оваа борба со садење на дрвја на малку поразличен начин, да го вклучиме народот без тој да вложува средства и напор, со инклузивноста да влијаеме на подигнувањето на свеста за јаглерод диоксид. Користиме филијален маркетинг за обезбедување на садниците и нивно садење. Она што е добро е што крајниот корисник не го чини ништо. Иницијативата Treebanks е најава за поголем и посериозен проект кој ќе се бори со нивоата на јаглерод диоксид на поразличен начин“, вели Михаил Стевчев во интервју за Радио МОФ. 

По споделувањето на идејата, вели Стевчев, добиле поддршка и идеи од јавноста.

„Во моментов имаме 10 конверзии = 10 дрвја кои треба да се засадат, ова кажува дека има интерес. Би сакале ова видно да се промени во текот на 2019. Од досегашните анализи увидовме дека не секогаш луѓето кои сакаат да ја подржат идејата се сеќаваат на Treebanks кога го прават букирањето за нивното следно патување. Имаме неколку идеи како да го подобриме ова“, објаснува Стевчев. 

Периодов ја планираат првата акција за садење, по што ќе се знаат каков капацитет за садење имаат. Нивната замисла е да имаат акција на секои 500 насобрани дрвја.

„Сакаме Тreebanks да допре до што е можно повеќе народ. Целта ни е да видиме дали народот се идентификува со тоа што го работиме. Активни сме на социјалните мрежи, генерално споделуваме инспиративни содржини, почнавме офлајн кампања со стикери, голема е веројатноста да видите  Тreebanks стикер низ Скопје, ќе имаме повеќе упатства/блогови за начинот на садење дрвја, и други типс енд трикс, во тек е изработка на newsletter“, најавува Стевчев. 

Во моментов ја рагледуваат и можноста да изработат плагин за интернет пребарувач. Со тоа подржувачите на Тreebanks не би морале да го отворат нивниот сајт да резервираат, туку доволно е само да резервираат.

„Сакаме Тreebanks да стане дел од секојдневието на луѓето во Македонија. Пред секое патување да помислат дека можат да влијаат на светските нивоа на јаглерод диоксид, дека со нивната активност директно го зголемуваат фондот на дрвја. Едноставно. Сакаме да ја исполниме нашата цел, да засадиме милион дрвја во Македонија“, вели Стевчев.

Е.П.