„RoboMac 2019“ – натпревар по роботика и автоматика за студенти и ентузијасти

Студентскиот огранок на ИЕЕЕ и Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ по деветти пат го организираат настанот „RoboMac 2019“, кој ќе се одржи во периодот од 18 до 23 март.

Се работи за меѓународен натпревар по роботика и вештачка интелигенција, па Факултетот повикува да се пријават сите студенти, ентузијасти и љубители на роботикатата.

„Учесниците на натпреварот ќе имаат можност да работат во парови, да ги употребат своите знаења и вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, со цел да го освојат првото место во својата категорија. Категориите во кои учесниците може да се натпреваруваат се: роботска рака, сумо, Line Follower, Лавиринт, AI Football, Sphero. Покрај тоа ќе имаат можност да присуствуваат на предавања од своите области од интерес“, велат од студентскиот огранок на ИЕЕЕ.

Оваа година за прв пат ќе се одржува категоријата „RoboMac Junior“ во која ќе учествуваат средношколци од цела Македонија.

„Целта е да се зголеми интересот за роботика и вештачка интелигенција кај средношколците. Тие ќе имаат можност да слушаат предавања од професори и експерти во оваа област, но и да работат со едукативни роботи и да се натпреваруваат во програмирање и нивно управување“, се вели во повикот.

Пријавувањето трае до 10 март. Финалниот натпревар во сите категории ќе се одржи на 23 март.

За дополнителни информаци за категориите и пријавување, заинтересираните може да ја посетат страната на RoboMac.

RoboMac 2019 е организиран од Студентскиот огранок на Македонската секција на ИЕЕЕ како и студенти волонтери од ФЕИТ.