Ако ги прашате повозрасните охриѓани за нивниот град, тие ќе ви кажат дека „само во лето се живее, а во зима ова е град на духови“. Истото мислење го делат и младите, кои затекнати од постојаните политички кризи и аполитичноста меѓу нив, решението го гледаат во културата. Сепак, и за неа велат дека е на многу ниско ниво.
Поразговаравме со Бисера, Јован и Глигор. Тие ни ја пренесоа нивната визија за Охрид – градот кој нижи рекорди во иселеност и покрај потенцијалот со кој поседува.
Бисера Николоска е волонтерка во охридскиот „Црвен Крст“ каде веќе неколку години е вклучена во активностите на организацијата. Според неа, „Црвен крст“ е една од ретките организации која е позната и прифатена меѓу младите и Општината.
„Ќе бидам искрена и можеби малку апсурдна, колку што сум информирана во Охрид постојат неколку помали волонтерски организации за кои немам подетални информации. Генерално сите тие се еколошки и хуманитарни друштва кои не се поддржани од страна на Општината, па можеби тоа е причината за нивната бесчујност.“
Таа додава дека е штета за град како Охрид, кој се именува како град на културата, да нема културна траса за младите.
„Немам слушнато за организации кои им помагаат на младите луѓе културно да се издигнат“, вели таа.
Бисера смета дека бројот на млади кои сакаат некаква промена во Охрид е многу мал, а тоа според неа, се должи на недостигот на вакви организации. Додаде дека ако има интерес кај младите кои сакаат да се вклучат во некоја организација, тие не можат да се пронајдат, затоа што немаат каде.
Охридските средношколците најчесто ги продолжуваат своите студии во Скопје, каде поголемиот дел остануваат за да ја градат својата кариера. Сепак, има и исклучоци како младиот талентиран глумец Јован Цветкоски кој решил да му даде втора шанса на Охрид.
Тој вели дека доколку има услови и можност би сакал иднината да ја гради во својот роден крај или во Скопје, но потенцира дека никогаш не сака да се ограничува и да се гледа врзан само за едно место. Причината за тоа, вели тој, е бидејќи културата не може да се ограничи.
„Можеби животот ќе ме однесе на другата страна на светот некогаш, па тоа ќе биде голем предизвик за мене самиот и за моето понатамошно развивање кое можеби повторно ќе ме врати во Охрид и ќе ги пренесам и спроведам своите искуства во Охрид“, вели тој.
Прашан за тоа што тој би променил во Охрид, не штедеше на зборови: „Првично би сакал да го променам односот на луѓето кон културата и уметноста. За жал, според мене, културата во Охрид и во Македонија е на многу ниско ниво, односот на публиката за време на претстави, концерти, манифестации, па се до најситни перформанси и изложби“.
Според него, во Охрид, град кој се поима како лулка на културата, место таа да расте од година во година, таа се уназадува.
Ентузијастично ни посочува како уметниците не треба да се разочаруваат и дека секојдневно треба да работат на нови проекти, изложби, претстави и слично, затоа што како што вели „секој граѓанин е одговорен и секој ја гради културата во својот град и својата земја“.
Лично смета дека со сите одиграни претстави, перформанси или поетски читања, пренесувал порака, најчесто кон општествено-културните проблеми и прашања, општествено-политичкиот живот, за кои се надева дека придонел барем малку за луѓето да се преиспитаат, замислат, па можеби и да почнат да дејствуваат.
„Тие што се занимаваат со уметност, независно од нивните општествено-политички размислувања, определувања или избори, секогаш и засекогаш треба пораките, прашањата, перфомансите да бидат критика на власта. Грев е кога се меша политика во уметност, но уметноста е вечна опозиција на актуелната власт“, надополнува Јован.
Додаде дека ако уметноста што се создава, во каква било форма, нема порака со која ќе ги скокотка општествените норми и правила, таа нема смисла и нагласи дека тоа е и причиата поради која постои уметноста.
Глигор Велјаноски од неодамна е дипломиран правник. Но, тој е препознатлив и по својот еко-активизам.
Според него, неопходно е критичко јадро преку кое ќе се култивираат бројни иницијативи и креативни идеи за некаква промена. Посочува дека концептот за заживување на распространетите критичко-културни, дебатни катчиња е срушен заради политиката на брутална концентрација и доминација на главниот град.
„Оваа констелација е во надлежност на државата и таа треба да најде начин да создаде услови младите да градат кариера и надвор од Скопје“, смета тој.
Глигор посакува Охрид да биде место каде ќе биде возможно да се гради кариера и ќе има здружување на младите по вокација. Додава дека централизирањето целосно го насочува животот во метрополата, а тоа има економски последици врз помалите средини.
При своето учество во неформалната еколошка организација „Чист Охрид“, пак, воочiл дека луѓето немаат чувство за животната средина како нивно примарно живеалиште, што пак, го отсликува нивното ниво на култура. Глигор апелира на интервенција и коригирање на курикулумите за најмладите генерации со цел значително опфаќање на овие теми.
Мартин Колоски
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.