На денешен ден, 28 март, во 2009 година на скопскиот плоштад „Македонија“ се собраа неформална група студенти и млади архитекти „Прва архи бригада“. Младите излегоа со транспаренти „Не го силувајте Скопје“, револтирани од идејата за преуредување на центарот и изградба на црква насред централниот плоштад, но нивниот собир беше насилно прекинат.
Тепањето на младите се прошири по медиумите, влезе во речиси сите меѓународни извештаи, како индикатор за (не)слобода на говор и мислење во Македонија. Дотолку повеќе што полицијата не успеа да заштити околу 150 студенти од нападот на голем број контрадемонтранти, кои беа повикани и од разни јавни личности и приврзаници на тогашната владејачката партија за да дадат поддршка за изградба на црквата.
Црквата „Св. Константин и Елена“ на крајот заврши врз парковскиот дел и клупите пред АРМ, локација која своевремено беше свртувалиште за млади. Црквата се уште не е пуштена во употреба, иако нејзиното подигнување стартуваше во 2012 година.
Црквата беше своевиден предвесник на понатамошните случувања со контроверзниот проект „Скопје 2014“, кој од проценетите 80, стигна докај 700 милиони евра, а од промовираните 40, стигна до 140-ина објекти. Експерти долго време алармираа дека проектот се градеше рушејќи зеленило и јавни простори, истовремено моделирајќи закони и „барокизирајќи“ познати архитектонски дела.
Инаку, студентите и „Прва архи бригада“ уште од времето на „Првото архитектонско востание“ бараа стручни трибини пред секое ново клучно превземање на гpадежни работи во центарот на Скопје, транспарентни конкурси, огласи и урбанистички анкети, а политичарите да ги насочат парите во зачувување на автентичноста и оригиналноста на старите градби кои веќе постоеја и се распаѓаа од негрижа.
Собирите на „Прва архи бригада“ оставија белег на протестите движења, како показател за развој на протестната култура во земјава. Во следните години по улиците маршираше Стоп за полициска бруталност, иницијативата АМАН, #Протестирам, произлегоа Студентски и Средношколски пленум, Го Сакам ГТЦ, протестираа хонорарци, новинари, екологисти, лекари, шарени револуционери…
Бојан Шашевски