НаТочак: Велосипедската патека на кејот на Вардар не е само за спорт, туку и за транспорт!

„Како повеќе ќе се користи кејот, ако е пристапен со стрмни рампи за туркање или со возливи рампи?“, прашуваат од иницијативата НаТочак, која заедно со пријатели-волонтери ја спроведоа четвртата акција од серијата велосипедски приказни.

Велосипедистите укажуваат дека велосипедската патека на кејот на Вардар не е само за спорт, туку и за транспорт. Сметаат дека ако има доволно рампи (приклучоци) и добра поврзаност со останатиот дел од велосипедската инфраструктура, луѓето ќе се вклучуваат на оваа патека за да ги избегнат сите раскрсници и досадни чекања на секој семафор и ќе се исклучуваат од неа онаму каде што имаат поврзаност со друга велосипедска патека.

„Веројатно првата асоцијација за велосипедската патека долж кејот на Вардар е дека таа е за спорт. Но ние мислиме дека може да биде и транспорт! Зелен транспорт! Вело транспорт! Велосипедската патека долж кејот на реката Вардар е најдолгата непрекината велосипедска патека во Скопје без крстосници, без семафори. Таа е најбрзиот начин на движење со велосипед. Таа рута може да биде нашиот велосипедски автопат, нашата “обиколница“, укажуваат НаТочак.

Затоа бараат патеката по текот на Вардар да се интегрира со останатите велосипедски рути од проектот Скопје Велоград преку краци за спојување во мрежа, преку возливи рампи со благ наклон, велосипедски патеки на новопланираните мостови, преку нови пешачко-велосипедски мостови. Додаваaт и дека во град кој претендира да биде Велоград не смее да има нов мост без велосипедски патеки и возливи велосипедски рампи кон кејот.

Истовремено укажуваат дека е неопходно да се доуредат и ослободат деловите каде патеката има прекин (деценискиот прекин во Центар поради градежните работи и неуредениот дел на Вардар меѓу Карпош и Ѓорче, со што Скопје ќе се поврзе за пешачење, трчање и точак по цела своја должина од Сарај до Лисиче!).