Над 650 работници квалификуван кадар од машинската и енергетската индустрија, моментално се потребни за компаниите само во општина Гази Баба. Тоа се 650 ученици или млади работници кои утре можат да тргнат на работа. Најголема потреба има од заварувачи на метали, ракувачи на градежна механизација, оператори и програмери на ЦНЦ машини, бравари, водоинсталатери, електро техничари, пекари, ѕидари, одржувачи на хигиена, ИТ техничари… Компаниите пројавуваат интерес и за високостручен кадар како машински, електро, технолошки, хемиски и информатички инжинери, лабораториски биоинженери, фармацевти.
Истражувањето меѓу 130 компании на Центарот за меѓуетничка толеранција, Гази Баба и фондацијата Фридрих Еберт, покажа дека е несушна потребата од кадар во машинската и електроенергетската индустрија.
Истражувачкиот процес за пазарот на трудот траел скоро пет месеци. Тој отвора прашања не само за недостатокот на кадар и „празнината“ кај компаниите, туку воопшто и за интересот за ваквото образование и за одливот на мозоци, т.е. заминувањето на младите во западните земји во потрага по подобри работни услови.
Токму затоа, истражувањето беше презентирано во стручното училиште ЕМУЦ со наслов „Туѓината пуста да остане, државата празна ни остана“.
„Во ова училиште (ЕМУЦ) изминатиов период доаѓаа бројни компании и бараа машински техничари, некои по три-четири-пет бравари, водоинсталатери итн. Ние викаме – нема! Ако најдете во земјава четворица слободни машински техничари – дајте ги, ние ќе им обезбедиме работа. Значи, нема во моментов! Бидејќи, утврдивме дека долги години се вршела погрешна уписна политика во образованието. Се уште не е оправено од сето тоа. Уписната политика со новиов конкурс на Министерството за образование повторно е истата од пред две, три, четири, пет години… Повторно се форсираат гиманзиски паралелки. Се зголемуваат, наместо да се зголемуваат оние стручни занаети, паралелки потребни за компаниите и пазарот на трудот“, рече Владо Димовски, координаторот на програмата за доживотно учење од Центарот за меѓуетничка толеранција.
Тој упати апел до сите компании во земјава кои имаат потреба од квалификуван кадар, нека се обратат, па заедно со училиштето ЕМУЦ ќе можат да им обезбедат кадар, се’ со цел да ги задржат младите во земјава.
„Со завршувањето на четврта година, ЕМУЦ нуди вработување преку договори со компаниите. Кога водевме разговори за договорите, зборевме дека платата не може да биде 12.000 денари. Социјална помош е 12.000! Платите ќе се движат над 20.000 денари. Извинете, ама 20.000 денари за средношколец што сега тргнува во работен процес, со можност за напредок во компанијата за неколку месеци, сигурно ќе стигне до 30.000 денари“, рече Димовски.
Кенан Асани, директор на СУГС „ЕМУЦ 8-ми Септември“, рече дека сето ова е во интерес да црпат нови идеи, „за машинството да не биде во колапс, туку да застане на нозе“.
Според него, жално е едно училиште како ЕМУЦ кое имало 900, сега да се доведе на работ до затворање – со 100 ученици.
„Ако оваа година во трета и четврта не одат 50 матуранти, замислете, така ќе останат 50 деца. Лани се запишале само 14 деца. Тројца во македонските паралелки, 11 во албанските. Кај е иднината, перспективата на државата? Ако имаме 170.000 административци, од каде ќе црпиме средства? Упорно се оди на тоа ‘гимназија, економско’. Не е проблем и тоа, ОК. Меѓутоа, најразочараните деца се токму од тие профили. По завршувањето – каде ќе се запишат? За нашите ученици има загарантирана работа“, рече Асани.
Првиот чекор што го направиле е стипендирањето. На почетокот, вели тој, одело тешко. Меѓутоа, уочиле дека на учениците им треба стимул.
„Сите компании едногласно стојат позади тоа. Секое дете што ќе се запише кај нас ќе добие стипендија. Втората карактеристика е што по завршувањето, сите ученици ќе бидат вработени, што до сега ниедно училиште не го понудило тоа. Сега е многу модернизирано машинството, се’ е компјутеризирано. Работата е вистински да ги научиме да читаат техничка документација, да бидат спремни за компаниите, а не само проформа, како што беше досега ‘правиме и работиме’, но на дело – ништо. Сакаме да го скршиме тој ‘мраз’“, потенцира директорот на ЕМУЦ.
Најави дека на 17 и 18 мај ќе се организира Саем, манифестација на машинската и електроенергетска индустрија. Компаниите ќе имаат штандови, презентации, производи, за да се приближат до учениците.
„Со сите овие работи, од септември очекуваме нов прилив на ученици. Овде има место за 3.000, а не за 100 ученици. Можеме да одиме и во две смени, капацитетите и зградите тоа го дозволуваат“, рече Асани.

Од лево кон десно: Владо Димовски, Центар за меѓуетничка толеранција, Кенан Асани, директор на ЕМУЦ, Борис Георгиевски, градоначалник на Гази Баба
Преставник на компанијата „Ариљеметал“ и соработник на проектот, Трајан Ангелески, тврди дека за профилите кои ги произведува енергетскомашинското училиште, висината на платите се колку државниот просек, или над просекот. Исто така, вели дека ова се прилично популарни дејности, како на пример операторите на ЦНЦ машини.
„Сите странски инвеститори прашуваат: ‘Дали имате таков кадар?’. Амбасадата на Германија дава визи токму за такви кадри. Значи, кадри што управуваат со компјутеризирани машини, со роботски машини. Тука го имате и оној енергетски смер кој се однесува на климатизација, греење, исто така модерна работа. Исто така, градежништвото апсорбира голем дел од тие кадри. Затоа, ги поздравуваме заложбите на ЕМУЦ, за адекватен производ за пазарот на трудот. Ова е модерно. Пазарот на трудот во моментот вели дека 5.000-8.000 заварувачи, металостругари и сл. и се потребни на Македонија“, потенцираше тој.
Тврди дека ваквиот кадар е ценет, а ќе стане уште поценет во иднина, со развој на технологијата. Aко работиме како работниците во Германија, истото го пресликаме во Македонија, вели тој, ефектите ќе бидат далеку поголеми. Платите треба да зависат од учиникот на вработените.
„Како општество, нас ќе ни биде потребен техничкиот кадар. Ќе мора да градиме објекти, ние ќе мораме да работиме во индустријата, ќе мора да произведеме и да продаваме во странство, ќе мора да носиме девизен прилив во земјава. Техничкиот кадар е повеќе од потребен“, смета тој.
Според него, ќога ќе завршите гимназија, вие сте на ниво „нулта“. Но, кога ќе завршите средно техничко, немате диплома, но може да работите 80% од работата на инжинерите.
„Не викам да се затворат гимназиите, но не можеме да имаме 10 гимназии, и ниту едно техничко училиште. Пропорцијата е нездрава. Исто така, порано имиџот на машинските училишта беше на ниско ниво. Средно машинско е ‘последното скалило’. Тоа треба да се промени. Сите возиме автомобили, кој ќе ни ги сервисира? ‘Најлошите ученици’? Тоа нема логика?! Климатизери користиме сите, кој ќе ги сервисира? Кој ќе ни ги гради новите згради, каде најмодерен материјал е челикот? Како ние ќе функционираме во згради изградени од ‘најлошите ученици’?“, праша Ангелески.
Дел од присутните ученици рекоа дека висината на платите е еден од основните критериуми за да останат во земјава по завршеното школо.
„За жал, се уште не работам. Очекувам од другата година, кога ќе почнат стипендии, да можам да одам во фирмите. Исто така, да бидам поблиску до другите работници. Имам желба да одам во Германија, но исто така имам желба и да одам на Машински факултет. Ако со самиот факултет најдам убава работа во земјава, каде има доволна плата, зашто да одам во Германија? Тука ми е убаво. Тука ми се пријателите, блиските, тука сум роден. Немам потреба. Кога ќе одиш во Германија се’ е поскапо. Плус има друга атмосфера. Тука сме едноставни луѓе, релаксирани, а таму стрикно фокусирани за работа“, вели Омер Џелек, ученик од трета година од ЕМУЦ.
Бојан Шашевски