На програмата на 15. издание на „Скопје танц фест“ за вечерва се предвидени два настани.
Во Младинскиот културен центар од 20 часот ќе се одржи танц перформанс на танцовата група од Тексас „Dallas Black Dance Theatre“. Музиката е на Тони Китановски и „Черкези оркестар“. Кореограф на 15-минутниот танц-перформанс е Клод Александар III-ти, а во него настапуваат Клод Александар III-ти, Каја Франклин, Ксавиер Мак и Меккинли Вилис.
Dallas Black Dance Theatre оваа година прославува 42 години од основањето. Таа е најстара танцова компанија во Далас, САД, составена од 12 танчери, кои изведуваат разновиден репертоар, како модерен танц, џез, современи танцови кореографии со примеси на етно и спиритуални елементи.
Истата вечер, од 20 часот во Македонскиот народен театар ќе се одржува претставата „Таленти во движење“ од Ротердам, Холандија.
Ќе бидат одиграни осум кратки кореографии на извонредни светски кореографски имиња, кои ќе ги изведат млади таленти, танчари од Кодартс универзитетот во Холандија, еден од најпрестижните универзитети за танц и музика во Европа.
Станува збор за кореографиите „База“, „Едноставни маневри“, „Сентиментален валцер“ и др.