Со премиера на првиот долгометражен игран филм на режисерката Марија Џиџева – „Втора шанса“, во среда во кино „Милениум“ ќе биде отворен 22. Скопски филмски фестивал, кој ќе трае до 25 април.
Публиката годинава ќе има можност да погледне 50-ина филмови во гала-програма; програма на европски филм; панорама на светски филм; кратки филмови, документарни филмови; македонска продукција; денови на квир кино за ЛГБТ заедницата; фокус на францускиот филм и ретроспектива на актерот Мето Јовановски.
Меѓу филмовите во атрактивната гала-програма е премиерата на „Фаренхајт 11/9“ на Мајкл Мур кој овојпат се занимава со политичкото влијание од победата на Трамп. Во таа програма е и новиот филм на Емир Кустурица „Ел Пепе, еден возвишен живот“ посветен на поранешниот уругвајски претседател Хозе „Пепе“ Мухика.
Во оваа програма се уште три остварувања – „Тврдина“ на Игор Зајцев – филм за владеењето на Петар Први, „Хотел Мумбаи“ на Антони Марас за терористичките напади во Мумбаи во 2008 година и новиот филм на иранскиот режисер Џафар Панахи – „Три лица“.
Од богатата филмографија на Мето Јовановски, на СФФ се избрани осум филма со познатиот актер: „Бел, бел свет“; „Евреите доаѓаат“; „Засега без добар наслов“; „Кога ќе се раздени“; „Куќа покрај пругата“; „Ливада“, „Пресуда“ и „Тетовирање“.
Филмовите на 22. Скопски филмски фестивал ќе се прикажуваат во кината „Милениум“, „Фросина“, Кинотеката и во Котур.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.