Граѓанскиот сектор бара измени на Законот за референдум

Граѓанскиот сектор бара измени на Законот за референдумГраѓанските организации бараат да се направат законски измени и дополнувања со кои ќе се разграничи референдум од граѓанска иницијатива, а постапката за нивно реализирање ќе биде различна. Во изминатите години имаше низа неуспешни обиди преку граѓански иницијативи да се променат дел од законите. Од граѓанскиот сектор велат дека и постојниот закон не се спроведува, поради што пропаднаа дел од обидите, како оној на „Вила Зора“, која неуспешно се обиде да издејствува со закон со кој ќе се забрани работење на тешка индустрија на 5 километри од населено место.

„Во нашиот случај ДИК си дозволи да си го толкува законот и да не го спроведува иако е само извршител на собирањето на потписите. Законот е направен така за да не успее, па првично мора да се интервенира во него и да се променат членови со кои ќе се примораат институциите да не си ги толкуваат самите законите. И најлошиот закон е добар ако тој се практикува, но во нашиот случај не се практикуваше до крај“ , вели Ненад Коциќ од Вила Зора.

Поради ваквите случаи, неколку организации здружено ќе бараат да се дополни и промени законот.

„ Јас укажав на организаторот дека кога ние во 2003 година ја спроведувавме нашата иницијатива потписи се собираа и во сабота што не е случај сега. Сега се собираат потписи од 9 до 16 часот секој работен ден па имаме контрадикторни примери. Да речеме во Oпштина Cентар секој 2,8 граѓанин треба да се изјасни за некоја иницијатива бидејќи се потребни 10 илјади потписи, што е теоретски невозможно. Или пак за да се постигне овој број на секои три минути треба да се потпишува по еден граѓанин што е апсурдно и математички нелогично“, вели Душко Христов од Полио Плус.

„Општа е констатацијата дека граѓаните се исклучени од процесите на одлучување, иницијативите пропаѓаат оти одлучуваат политичките институции, а не го слушаат гласот на народот. Во последно време се импутира чувство на апатија меѓу народот со тоа што се одбиваат вакви иницијативи и некој свесно ги деморализира луѓето покажувајќи им дека односите на моќ се такви и нема да се променат никогаш. Но, ние ќе се бориме и против тоа и ќе им укажеме на граѓаните дека тие имаат моќ и заедно можат да сменат многу“, рече Васко Лазаревски од АМАН.

Според здруженијата фрапантен е податокот дека ниту една граѓанска иницијатива не поминала пред политичарите во изминативе две децении од осамосојувањето. Поради тоа велат дека се решени и ќе најдат начин како со здружени сили     да се спротивстават на ваквата пракса.

Извор: duma.mk