На раздвижениот охридски плоштад, неколкумина млади музичари денес имаа акустичен настап со цел собирање на финансиски средства за лекување на малечката Мила Димовска од Охрид и стружанецот Мартин Стојаноски.
Имено, Мила има потреба од помош за лекување на дистрофија (оштетување) на мозокот, додека Мартин за лекување на тешки телесни повреди од сообраќајна несреќа.
Eден од учесниците и организаторите на хуманитарниот настан е Богдан Василевски, кој како хоби ја избрал гитарата пред 17 години.
„Генерално гледано наназад претходните хуманитарни настани од ваков тип се доста посетени од страна на музичарите, и можам да се вбројам како дел од организаторите“, вели Василевски за Радио МОФ.
Надополнува дека интересниот дел кај овој тип хуманитарни настани е тоа што не се свири по некоја програма. „Излегуваме музичари од сите бранши и склопуваме некој тип на музика кој ќе им е интересен на граѓаните кои поминуваат“, дополни тој.
Потенцираше дека на музичките настани на отворен простор се шири многу позитивна енергија и е реткост да се соберат и заедно да свират различен тип на луѓе, заедно правејќи една специфична енергија.
Ова не е првпат во Охрид да се оддржи настан од ваков тип, претходно младите неколку пати се организирале со слична цел.
Покрај бројните локални иницијативи и настани, за Мила може да се донира на броевите: 143123 и 070/143-143, додека за Мартин преку: 143-462 и 143-107.
Мартин Колоски