Косплеј натпревар инспириран од „Game of Thrones“ на 19 мај во „Вип“

Brace Yourself, на 19 мај во седиштето на „Вип“ ќе се одржи косплеј натпревар инспириран од серијата „Game of Thrones“.

На настанот се поканети сите косплеери и косплеерки од државата, како и сите оние ентузијасти и обожаватели на ТВ серијата, кои досега не учествувале на ваков настан, да го одберат својот костим, да се подготват добро и да учествуваат во натпреварот.

Важни правила:

1. Учеството за сите заинтересирани е бесплатно
2. Бројот на пријавени натпреварувачи е ограничен на 30
3. Секој натпреварувач има 3 минути да се презентира пред публиката на бина
4. За победниците одлучува тричлено жири и публиката
5. Принципот на пријавување е first come, first served

ГЛАВНИ НАГРАДИ

Прво место – 500 евра
Второ место – 300 евра
Трето место – 200 евра

Тројцата победници дополнително добиваат и професионална фотосесија.

Заинтересираните може да се пријават на следниот ЛИНК.

Кои се генералните начела за присуство?

1. Вештина/Craftsmanship

„Костимот треба да е рачно изработен. Дали помина часови во гравирање на детали на оклопот што навидум звучат бескорисно и никој не може да ги види освен под агол од 45 степени, свртени обратно? Дали ги искористи и последните милиметри материјал и се боцна безброј пати шиејќи ја базата, или стана Доктор на науки на шивачка машина? Имаше храброст да го вадиш жешкиот лепак веднаш после лепење за секој слој да е залепен совршено и да нема остатоци? Супер, тогаш ти си човекот за нас!

Оваа категорија постои за да ни ја даде поголемата слика за целиот вложен труд, време и пожртвуваност на кандидатот т.е. крвта, потта и солзите што се ставени во вашиот костим! Донесете слики од примероци, објаснете ни го детално процесот на изработка, снимки од прогресот и бидете спремни да се фалите! Ова е местото каде што треба да се покажете!“, стои во повикот за натпреварот.

2. Оригиналност и прецизност

„Ова е категорија каде што ќе ни ја прикажеш твојата креативна идеја и ќе ја презентираш точноста во изработката на истата. Можеби е некој креативен пресврт на карактерот, интересна комбинација од два лика, промена на машка во женска верзија или обратно, итн.

Сакаш да им покажеш на судиите како би изгледал некој од главните ликови во White Walker верзија? Или пак ќе бидеш женска верзија на John Snow или Khal Drogo? Какви материјали ќе употребиш за штитовите, лименки или пак ќе ни покажеш одблиску детална изработка на книгите од цитаделата што всушност иако изгледаат реално, a сепак се изработени од пица кутии? Ова е категоријата за тоа! Покажи ни го твоето акутно внимание, перфекционизам и посветеност на детали во твојот генијален косплеј експеримент!“, појаснуваат организаторите.

3. Презентација

„Ова е местото каде што ќе ни го презентираш твојот костим, на бина во одредено зададено време и ќе ни ја покажеш неговата издржливост при одење, твојот сценски настап проследен со музика и твојата најблиска и најдобра имитација на карактерот што си го одбрал! Ќе ни покажеш од што е изработен твојот косплеј и низ оваа категорија ќе видиш колку тој ја привлекува публиката!
Изборот е твој! Aнгажирај ја публиката, вклучи ја во твојата презентација или донеси придружба за твојот сценски настап!“, посочуваат организаторите.

Критериуми за оценување на натпреварот за најдобар косплеј костим:

Конструкција

Судиите ќе посветат големо внимание на: квалитетот, шевовите и финишот на ткаенината, а со тоа и ќе го видат талентот на натпреварувачот. Изборот на структурни материјали како пена, дрво, картон, пластика, метали и начинот на кој што тие се третирани. Деталите ставени во изработката на декорациите и украсите како и севкупните техники што се користат во и оригиналноста на идеите применети во костимот.

Ќе се обрне внимание на квалитетот на периката, стилизирањето на периката, реквизитите, чевлите, автентичноста на шминката, изборот на леќи, силиконски додатоци за да се доближат до изгледот на карактерот, изработката на привремени тетоважи и body paint во склоп на карактерот.

[Видео] Саруман, Џокер и Кајло Рен – младите ја изразија креативноста на косплеј турнир

Костимот кој не е целосно рачно изработен, ќе ги има постигнато своите индивидуални елементи според горната листа кога остатокот од истиот ќе се обележи според тоа колку е вложено во изработка на соодветните пропратни делови. Жирито детално ќе ги разгледа сите индивидуални костими. Треба да се наведе специфично кои делови се изработени лично од кандидатот.

Костимот не треба да е претходно носен на други натпревари.

Точност

Судиите ќе проверат колку е веродостоен вашиот костим, коса, шминка и реквизити за ликот што играте.
Важни работи на кои треба да се внимава се димензиите, материјалот и текстурите, боите, деталите и секако, дополнителните сценски реквизити што ќе ја покажат вашата посветеност и способност.

Презентација

Целта на cosplay е да изгледа еднакво добро и реално колку самиот лик. Тоа вклучува движења на телото, пози и фрази што ги изговарате. Оние кои дејствуваат според карактерот ќе постигнат повисоки резултати од оние кои што не се во улога на истиот. Секој сценски настап што го прикажува реално ликот, со цела глума, подготовка и егзибиција на автентична ситуација од одредени сцени доаѓа во прилог на кандидатот.