Слободен Индекс по третпат ја организираше „Студентската пролет“ пред платото на УКИМ. За време на настанот студентите го побараа да им се даде простор за создавање независен студентски културен центар, а истовремено ја истакнаа и потребата од бесплатно образование. Револтирани од секојдневните давачки, од Слободен Индекс бараат одговор на прашањето каде одат нивните пари.
Според Бојан Матевски, еден од организаторите на „Студентска пролет“, бесплатно образование не е само нереална желба. Во буџетотот има пари, вели тој, но засега нема слух од надлежните за потребата од укинување на партиципацијата.
„Со Слободен Индекс спроведовме истражување каде што покажавме колку е мал процентот на пари кои дополнително треба да се одвојат од буџетот за да имаме бесплатно образование. Значи вака има преголеми давачки за разни работи како такесени марки, и секакви глупости и како на пример книжни фондови.. Сметаме дека премногу даваме, а премалку добиваме “ , вели Матовски.
Од Слободен Индекс појаснуваат дека бесплатното образование нема да влијае на државниот буџет. Тоа, според нивните пресметки, ќе чини 493 500 718 денари, односно само 0.3% од буџетот на земјава тежок 160 500 000 000 денари. Дел од тој буџет оди во најразлични проекти, воени активности и други необртниинвестиции, посочуваат од Сободен Индекс, од каде додаваат дека засега високото образование не е достапно за сите социјални слоеви.
Пред платото на УКИМ денеска беа собрани голем број на студенти. Дел од нив под мотото „Изрази се“ го презентираа својот активизам преку најразлични активности како што се: уметнички изложби, претстави, свирки, проекција на кратки филмови и разни настапи. Во вториот дел од „Студентската пролет“, под мотото „Активирај се“ младите добија можност да разговараат за студентскиот активизам како и за преголемите давачки кои студентите ги плаќаат на факултет.
Сунаи Сабриоски