„Гугл“ и „Хуавеи“ ја прекинуваат соработката

Новите телефони на „Хуавеи“ кои ќе се пласираат на пазарот надвор од Кина, нема да имаат пристап до услугите и софтверот на „Гугл“, вклучувајќи ги „Гугл плеј стор“, „Јутјуб“, „Џимејл“, „Гугл драјв“ и „Хром“.

Одлуката доаѓа по наредба од американскиот Кабинет за трговија кој неодамна ги стави „Хуавеи“ на листата на компании кои не можат да купуваат технологија (и софтвер) од американски компании без одобрение на владата.

Портпаролот на „Гугл“ за „Ројтерс“ изјави дека сегашните корисници на паметните телефони на „Хуавеи“ ќе можат и понатаму да ги користат апликациите, а ќе можат и да ги надградуваат.

„Ги разгледуваме ефектите од оваа одлука“, изјави портпаролот.

Ова прекинување на соработката може значително да влијае врз бизнисот на „Хуавеи“. „Хај силикон“ компанијата која ги произведува чиповите, рече дека била подготвена за овој удар долго време, а од „Хуавеи“  претходно истакнаа дека се подготвени за какви било забрани веќе шест години.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, вршеше притисок врз „Хуавеи“ во изминатиот период, поради стравувањата дека нивната опрема може да се користи од страна на кинеската влада за да се шпионираат американските мрежи.