Уметникот Адем Сулејманоски со камења испиша „Стоп за малите хидроцентрали“ на брегот на реката Радика, во близина на селото Присојница. Уметничката акција ја посвети на се’ почестото уништување на планинските реки и водотеци поради изгрдбата на мали хидроцентрали, кои негативно влијаат на екосистемот.
„Речната пастрмка, балканскиот рис, слатководните школки и ракови се само неколку од многуте загрозени видови во земјава на кои им се заканува исчезнување поради стратегиската определба по секоја цена да се искористи хидропотенцијалот на реките за производство на струја од мали хидроелектрани дури и во заштитени национални паркови“, истакнува тој.
Сулејманостки живее и работи во с.Ростуше, во срцето на националниот парк Маврово, кој исто така е под закана од издавање концесии за мали хидроцентрали.
На овој начин авторот дава поддршка на борбата на еколозите за зачувување на биодиверзитетот и одржлива животна средина.
Уметничката инсталација е дел од серијата ленд артови со еколошка тематика кои авторот ги работи оваа пролет. Изработката на ланд артот е финансиски поддржана од Фондацијата отворено општество Македонија.