Концерт на Лиза Џерард на 8 октомври во Филхармонија

Маестралниот вокал, Лиза Џерард доаѓа да одржи концерт во Скопје на 8 октомври во Филхармонија, соопштија од Младинскиот културен центар. Таа ќе биде придружувана од женскиот хор од Бугарија, добитничките на престижната Греми награда – The Mystery Of The Bulgarian Voices.

Џерард е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред речиси 40 години. Прилично експерименталната пост панк музичка сцена на крајот на 70-те во Мелбурн ја спојува со Брендан Пери, со кој во 1981 го создаваат уникатниот проект „Dead Can Dance“, кој опстојува и денес со неколку креативни прекини.

Џерард и Пери својата инспирација изминатите декади ја црпат од племенското, окултното, световното, но и од земското, профаното постоење.

„Нивната музика може да ве потсетува на сѐ претходно доживеано и чуено, но и на ништо, да ви биде комплетно нова и свежа“, велат од МКЦ.

Во професионалната биографија на Џерард се впишани неколку соло проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка, но и како изведувачка. Така, за музиката за епскиот спектакл „Гладијатор“, таа и композиторот Ханс Цимер беа наградени со Златен глобус.

„The Mystery Of The Bulgarian Voices“ се женски хор од Бугарија, кој опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос, зачинет со нереално, самовилско пеење. Светот за прв пат слушна за овој хор на крајот на 80-те години на минатиот век, кога хорот го издава својот истоимен албум „Le Mystère des Voix Bulgares”, кој се продава во огромен тираж и хорот ги освојува светските сцени со своето мистично акапела пеење. Нивниот втор албум „BooCheeMish”, се појавува по речиси две декади и на него тие соработуваат со Џерард, со која иако потекнуваат од различни култури, создаваат една природна бајколика симбиоза.

Билетите се пуштени во продажба, од кои првите 300 билети се по цена од 1000 денари. Можете се набават на билетарница на МКЦ или online преку  https://bileti.mkc.mk/index.php?id=524