Белорусија е земја која многумина ја опишуваат како последната европска диктатура. Но, постои белоруски универзитет на кој студентите можат да студираат во демократски амбиент – преку границата, во Литванија. Оваа установа се гледа себеси како место на кое се едуцира генерацијата што ќе биде подготвена да ја изгради демократијата во земјата, кога ќе дојдат промените.
Европскиот хуманистички универзитет работи повеќе од 20 години, од кои девет во литванската престолнина Вилнус. Запишани се повеќе од 1800 студенти, од кои две третини студираат преку интернет, од родната земја.
Студентката на втора година на правниот факултет Марија Сљапцова студирала на државен универзитет во родниот Минск, пред да ја мине границата и да го продолжи образованието во Литванија.
„Во Белорусија моравме да учиме огромни количества информации. Но, никој не не охрабруваше да поставуваме прашања. Овде е сосема различно“, вели таа.
Една од професорките на Марија, Тацијана Чулитскаја, се сложува дека системот на средно образование во Белорусија во моментов ги „мие“ мозоците на учениците.
„Кога ќе ги прашам студентите кој е најдобриот политички систем, тие одговараат: демократијата, но потоа ќе ви речат дека и авторитарниот систем не е лош затоа што е добар за нашата економија. Не им противречам, затоа што моја задача е да ги натерам да ги гледаат работите од повеќе перспективи, наместо само една“, вели Чулитскаја.
Сепак, системот што веќе 20 години го протежира белорускиот претседател Александар Лукашенко не успеа да ја спаси економијата пред две години, кога рубљата драстично девалвира, а цените на храната нагло пораснаа. Незадоволството на граѓаните се излеа на улиците, а студентите беа главна сила во протестите. Стотици беа уапсени, а десетици и денеска се во затворите.
Во 90-те, ректорот на Европскиот хуманистички универзитет, Анатолиј Михајлов, замислувал многу поинаква иднина за својата земја. Започнал проект за нов универзитет, далеку од идеолошките догми на стариот комунистички систем, но и од наглата идолатрија на капитализмот на пост-советската ера.
„Постоеја курсеви за економија и право, но не и за уметност, старогрчка историја или филозофија. Сите сакаа да бидат банкари или бизнисмен. Но, никој не обрнуваше внимание на корените на европската цивилизација. Никој не сфаќаше дека општеството треба да се гради врз огромна и богата интелектуална традиција“, вели Михајлов.
Но, неговиот универзитет бил дочекан со нетрпение од властите, а кога тие го затвориле поради технички недостатоци, претседателот Лукашенко лично изјавил дека на земјата „не и треба таков вид на универзитет“. Целиот проект бил пред пропаѓање во 2004, кога стигнала понудата од литванската влада.
Со помош на Европската унија и бројни невладини фондации, денеска овој универзитетот финкционира како можеби единствен од својот вид во светот, но доказ за неговата добра работа се илјадниците дипломци кои веќе работат за подемократски амбиент во Белорусија.