Група граѓански организации упатуваат јавен повик до премиерот, Владата и сите надлежни институции во најитен можен рок јавно да се произнесат и да покажат суштинска волја за борба против урбанистичкото дивеење, владеењето на правото и распродавање на јавниот интерес, во врска со Деталните урбанистички планови во Скопје.
Организациите укажуваат дека еден од многуте, но последен драстичен пример е ДУП за градската четврт Ц08 Ново Маало 2 (паркингот спроти хотел Холидеј Ин), парцела за која Државната комисија за спречување корупција најави дека ќе истражува дали е незаконско окрупнувањето на земјиштето кај оваа локација и ќе се испитува дали се прекршени основните начела за заштита на животната средина со изградбата на предвидените висококатници.
„Потсетуваме дека ДУП Ц08 Ново Маало 2 беше ставен под т.н.“мораториум“, односно неизвршување, со стручно докажани бројни аргументи за прекршувања на параметрите од Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Сепак, Министерството за транспорт и врски дозволи продажба на државното земјиште по тој ДУП. Со молчењето на Владата и покрај бројните реакции на јавноста се создава впечаток дека не се почитува интересот на граѓаните, ниту стручното мислење зошто овој ДУП не смее да се извршува. Потсетуваме дека овој план се изработува од приватна фирма која го добила тендерот со цена од само еден (1) денар по хектар, што отвора простор за сомнеж за тоа чии интереси таа ќе остварува“, стои во повикот.
Затоа бараат Владата да го поддржи мораториумот на Општина Центар за ревидирање на ДУПЦ О8, како и сите други ДУПови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП, а со тоа погубни за центарот на Скопје. Истовремено повикуваат Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да дадат јавни изјави и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите на РСМ.
Потписници на повикот се:
Здравје пред профит во Центар
Институт за демократија Социетас Цивилис – Скопје (ИДСЦС)
Институт за комуникациски студии (ИКС)
О2 Иницијатива
Македонски еколошко друштво (МЕД)
Македонски институт за медиуми (МИМ)
Центар за економски анализи (ЦЕА)
Центар за европски стратегии Евротинк
Ние сме Карпош 4