Шинтер насилно одземал куче од сопственик кој го шетал со поводник, кажувајќи кучето е мое, на Вардaриште, обвини Анима Мунди.
До пред неколку дена во оваа куќичка живееше Скаут, малиот загар кој Станко Игнатовски го спаси од сигурна смрт. Кучето имало ушна маркичка од Вардариште. Било болно, па освен дом и храна му биле потребни и лекови. Помогнале волонтерите од здружението за заштита на животни и биле задоволни, вдомено е уште едно куче. Но нивната радост трае кратко. Две лица во службена униформа, со значка од стационарот го пресретнале сопственикот за време на редовната утринската прошетка.
Од стационарот Вардариште немаа коментар за случајот. Според раководителот Слободан Костевски, утрото кога кучето било одземено, немало налог за акција на тој реон, па тука завршувале нивните надлежности. Од Анима Мунди пак се категорични, бараат од раководството да го испита случајот и казни вработениот, наместо да ги штити ваквите постапки.
Во меѓувреме по претставка на Анима Мунди , случајот го чешла и Дирекцијата за храна и ветеринарство. Сопственикот пријавил и во полиција, но засега оттаму молчат. Од здружението за заштита на животните велат, ова не е прв пат граѓаните да бидат изложени на шинтерското самоволие, но тоа продолжува бидејќи никој засега не го санкционира.
Станко се надева дека ќе му го врата Скаут дома. Се се случило во рок од само еден месец, не успеал дури ни да го фотографира. Куќичката и ременот засега му се единствениот потсетник на неговиот миленик. Од Анима Мунди пак не се откажуваат, велат овој случај ќе го истераме до крај.
Јасмина Јакимова