Три популарни весници во Русија објавија идентични насловни страници со кои се изразува сомнеж зад мотивите во апсењето на истражувачкиот новинар Иван Голунов, кој беше повреден за време на притвор во полициска станица.
„Јас/Ние сме Иван Голунов“ е реченицата која се најде на првите страници од весниците Ведомости, Комерсант и РБК, додека во внатрешноста на весниците објавен е ист уреднички коментар во кој се бара истрага за апсењето, кое од Репортери без граници предупредуваат дека може да биде „значајна ескалација во прогонот на независното новинарство во Русија“.
„Сметаме дека прикажаните докази за истрагата против Иван Голунов не се убедливи и околностите на неговото апсење предизвикуваат големо двоумење дека за време на неговите истражувачки активности прекршил одреден закон“, се наведува во заедничкото соопштение на весниците.
„Не исклучуваме дека приведувањето и апсењето на Голунов е поврзано со неговите професионални задолженија“, се додава во уредничкиот коментар.
Голунов е познат истражувачки новинар од онлајн новинскиот портал Медуза. Тој се здобил со модрици, рани, скршено ребро и потрес на мозокот за време или веднаш по неговото апсење на 6-ти јуни, со обвинение за трговија со наркотици.
Голунов ја истражува корупцијата кај бизнисмените од Москва и политичката елита, како и измамничките финансиски шеми во градот. За делото за кое што е обвинет, пропишана е затворска казна од 10 до 20 години.