Годинава за првпат ќе се оржи културната манифестација „Matka Summer Fest“, на која ќе се претстават локални музичари и уметници од различни области.
Фестивалот ќе се одржи на Матка на отворено, во дворот на „Fresh Lounge Bar“. Целта е преку овој настан да се популаризира ова туристичко место во Скопје, кое најчесто е посетувано од странски и локални туристи само преку ден. Покрај ова, организаторите забележале дека му недостасуваат културни содржини.
„Со овој фестивал, сакаме позитивно да влијаеме врз културната понуда, разновидноста, промоцијата, развојот на туризмот и бизнис секторот во земјата“, стои во описот на настанот.
Централен настан на фестивалот се концертите што ќе се одржат на 28 и 29 јуни, каде што ќе учествуваат „Bla bla bla“ и „Offchestra“ (28-ти јуни) и Мухамед Ибрахими и Ерихон (29 јуни), чии настапи ќе бидат придружени од диџеите Electron и Pitti.
Покрај ова, како дополнителна програма, ќе се одржи и изложба на фотографии од Матка направени од страна на неколку млади фотографи, како и други перформанси кои ќе се одржуваат неколку дена пред концертите.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура.
Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.