Почина Кирил Ценевски, авторот на култниот филм „Црно семе“

Македонскиот филмски режисер и сценарист Кирил Ценевски почина вчера на 76-годишна возраст во Скопје, соопшти Кинотеката на Македонија.

Ценевски, авторот на култниот „Црно семе“ што му беше филмско деби, по многу параметри важи за единствена појава во македонската кинематографија.

„Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, ЦРНО СЕМЕ, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали“, соопштуваат од Кинотека.

Роден е во Крива Паланка, 28.1.1943. Филмски режисер и сценарист. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занима уште од студентските денови.

„Црно семе“

Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот ЦЕНАТА НА ГРАДОТ (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот ЦРНО СЕМЕ, за којшто добива повеќе награди: Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври и др.

Режисерот и сценарист Кирил Ценевски е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2013 година, која Кинотеката на Македонија ја доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

Истата година беше првиот добитник и на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда што ја воспостави Друштвото на филмските работници и ја доделува на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Во филмографијата на Ценевски се вбројуваат и дела како „Цената на градот“, „Јад“, „Џафра, „Рафаел Алберти“, „Ежен Гилвик“, „Оловна бригада“, Мостови – Струшки вечери на поезиијата“, „Јазол“, „Хемтекст“.