Изложба на накит со графички пристап од уметницата Надица Златкова Митевска

Во Мобилната/Монтажна галерија во среда (26) јуни од 20 часот ќе биде отворена „Прозорец кон убавото“, малку поинаква изложба на накит изработен од уметницата Надица Златкова Митевска.

„Овој накит е изработен рачно, со елементи од метали (алуминиум цинк, месинг, бакар) на целиот накит преовладува графички пристап, поточно цртеж, кој опишува некаква атмосфера, момент и емоција. На овој начин созден е линк помеѓу реалното (накитот) како подлошка за креирање – убавина и виртуалното (замислените цртежи на силуети) кои претставуваат замислени личности кои би го носеле накитот“, се вели во најавата за изложбата.

Според најавата, овој проект е создаван во долг временски период и ја има инстанцата време како наратор на приказната за патувањето низ фантазијата. Оваа изложба е само еден фрагмент од замисленото.

Изложбата е финасиски поддржана од: Општина Центар, Град Скопје и Министерство за култура на РСМ.

Инаку, Надица Златкова Митевска е дипломирана на Факултет за ликовни уметности во Скопје, а досега има неколку самостојни и групни изложби во земјава, Србија, Бугарија и Словенија.