Примерите со фирмите „Slice“ и „Tabletmenukaart“ покажуваат дека технологијата, новите сервиси или апликации ги бришат границите, па не мора физички да бидеш присутен во некоја држава, за да работиш на пазарот во таа држава.
Оттука, во новиот подкаст за претприемништво „Skills that pay the bills“ се фокусираме на на аутсорсинг, на млади работници со софверски, програмски, телефонски и разни услуги за странство.
Јурант Дика од „Slice“ објаснува дека оваа компанија им помага локалните пицерии во Америка, да се изборат во тој тежок пазар на дигитална трансформација на нивниот бизнис.
„Односно, тие се мали семејни, локални пицерии, во ‘нашето мало’ што ги викаме, кои се борат од другата страна со крупните компании како ‘Пица Хат’, како ‘Доминос’, итн. Се уште таквите пицерии во Америка, и ден денеска, порачките ги примаат да кажеме ‘аналогно’, преку телефон. Тоа бара многу време, многу ресурси трошење, пари, вработени итн. Преку дигиталната технологија ние ги олеснуваме тие процеси“, вели Дика.
Идејата се родила 2009-та во Њујорк, од газдата Илир Сеља од Дебар. Првите чекори во дигиталната ера биле ситни, налик на бизнисите на Гугл и Амазон што започнале од гаражи. Но сега, секојдневно е полна салата во скопската канцеларија, а преку 300 вработени имаат и во Охрид и Дебар.
Креираат веб-сајтови каде се листа на менијата на пицериите, им ги дигитализираат менијата, a создале и апликација, преку која гладни граѓани можат да си нарачаат од најблиската пицерија. Потоа, вршат и мониторинг на нарачките.
„Нарачките на некој купувач во една пицерија може да ги избере следните канали, да се јави во пицеријата, да ја бара истата пицерија на веб-сајт или истата да ја бара на некоја мобилна апликација, каков што е денешниот начин на функционирање“, објаснува Дика.
Менаџерот за продажби за Македонија, Јордан Стефановски, ни раскажува за младите луѓе седнати пред компјутери. Тие кликаат, вртат телефони, зборуваат со клиенти. Тие лицето на „Слајс“. Тука се’ се одвива брзо, како да услужуваат луѓе од маало, а не на илјадници километри на друг континент, во друга временска зона.
„Доколку прашате некој кој што е постар во поодминати години, ќе ви каже дека еден голем недостаток е втората смена, затоа што мора да се адаптираме на временската разлика, работиме исклучиво на американско време. Меѓутоа помладите како што гледате во канцеларијата се млади, затоа имаат толкава енергија и ентузијазам, доста е весело секој ден. Значи од 8 часот до 11 часот (навечер) е најголемата гужва и во канцеларијата тука, малтене како осило слушате само бруење од гласови кои постојано се обидуваат да ги објаснат вредностите на ‘Slice’.
Според Стефановски, основна појдовна точка за секој млад човек е амбицијата, нови достигнувања, и нови софтверски помагала што во земјава не се толку застапени.
Во угостителската сфера работи и холандската „Tabletmenukaart“. Нејзин газда е Алекс Долстра, потекло од Куманово, кој уште од мали нозе е заминат во Холандија. Таму израснал, завршил и факултет, ама често во главата му останала земјава.
Затоа, сега својот иновативен бизнис го поврзува со луѓе од Македонија, кои од тука му помагаат, работат на развој, на ширење на идејата за ‘Tabletmenukaart’. Тоа е таблет, оригинален хардвер и софтер што го менува начинот како луѓето користат мени во ресторан.
„Со дигитални работи, пример, може да поминеш без чекање од келнер. Знаеме како оди кај нас во Македонија. Седиш со пријатели на пиво. Пример, во пивара. Ако ги гледаме келнерите, и они нас не’ гледаат, ама не не’ служат. И чекаме, чекаме, чекаме. А, со нашиот систем – келнер доаѓа, ти објаснува како се користи менито, ти го дава, а потоа со твоето друштво нарачуваш што сакаш, во кој момент сакаш. И што е интересно – тоа е со слики“, нагласува Долстра.
Според Алекс, со ваквиот начин нема стрес, нема чекање. Со таблетот нарачките стигнаат на каса, стигнуваат и на шанк или кујна, а ако е потребен келнер се стиска копче „сервис“. Келнерот доаѓа, има поголема слобода – служи и си продолжува. Се’ е забрзано.
„Постојано се чека за сметка. И пример, кога излегувам со моите деца, имам две ќерки, и одеме по палачинки. На крајот, имаа во себе толку многу шеќер, па тоа ги тераше да дава играат на маса. Чекав долго време време, сакав да си одам, во нервози, во стрес, бидејќи децата ‘полудеа’ од шеќер. Хахаха. Тој пример сите татковци и мајки го знаат. И сакав да одам, но во ресторанот требаше многу долго време да чекам. Со нашиот систем, испод три минути – ќе ја донесе сметката, да ја платат, да одат луѓето, да ги поздравиш“, раскажува Долстра.
Со овој модел, објаснува тој, се намалува бројот на келнери, па рестораните парите за плати можат да ги пренеманат на друго. Моделот е и сервис модел. Клиенти плаќаат за сервис, за развој, за надградби на софтверот. Клиенти има од Холандија, Белгија, Франција, Германија и Австрија. Сакаат да ја фатат цела Европа, за што им помагаат луѓе и програмери од Македонија.
„Во моментот, растеме на нашиот ‘customer success’ тим. Ако има млади луѓе, кои знаат германски, француски, англиски – треба минимално. Тоа е зашто треба некако да се разбираме. Пример, имаме офис-менаџерка, таа е Македонка. Тоа е ОК. Од слобода што имаме во фирмата, имаме девелопер што работи на ‘Андроид’ во нашата фирма, што е од оригинално од Охрид. Како што мене ме влече Македонија, него во влече Охрид“, вели Долстра.
Младите се поттикнати да работат од почеток до крај. Само да имаат мотивација, а работата, вели Алекс, е напредна, интересна, иновативна. Да размислуваш креативно, да помагаш на луѓе во други земји.
„И на крајот, заедно го менуваме начинот како луѓето користат мени во ресторан. Колку е тоа убаво, да бидеш дел од некоја фирма Тој е ист како ‘Епл’, и тоа највеќе ме влече како пример. Порано сме имале смартфони, но ‘Епл’, Стив Џопс, стварно направи разлика од нешто што го имаме, и нешто што го користиме“, констатира тој.
Директорот Иле Митковски од домашната Агенцијата за поддршка на претприемништвото, смета дека глобализацијата е присутна во цел свет. Не треба да бегаме, туку да ги искористиме ваквите начин на работа, од дома за странство, од една во друга држава.
„Треба еден систем на поддршка на овие млади луѓе за да можат да ги осознаат предностите на тоа дека, ако остане овде, може добро и да заработи, и да живее, и да се развива – на некој начин. Со тоа што ќе се користат светски технологии, нови производи, иновации… Кога работите на глобално поле, многу полесно гледате дека нешто може да се направи и на друг начин“, потенцира тој.
Според Митковски, секоја таква иновација прави голем „бум“ во одредени фирми.
„Ни ‘Тојота’ не почнала како денеска, туку поправале бицикл. Ама, дошле денеска да се светски бренд. И многу други брендови. Никој не почнал веднаш како бренд. Тие ланци, почнуваат од два-три-пет, ама се шират, затоа што оди работата и затоа што учат. Поддршката не мора секогаш да значи средства, не сите бизниси бараат да се почне со големи средства, само треба многу работа, но и помош од државата во тој дел“, констатира директорот на Агенцијата за поддршка на претприемништвото.
Бојан Шашевски