Проблемите со загадувањето со пластика и спојот на природните материјали претставуваа инспирација за инсталацијата на Скот, уметник од Ванкувер, Канада.
Скот кога претходно го посетил Охрид, разбрал за работата на локално здружение што работи на заштита на езерото, воочувајќи одлична можност за креирање уметничко дело, кое ќе говори за заштитата на околината.
„Размислував за ова во Канада, за животната средина и пластичните шишиња кои исто така се проблем и во Охрид. Размислив да направам нешто со пластика, но не сакав да додавам уште проблеми на постоечкиот. Кога дојдов тука по втор пат, се заинтересирав и за трската, затоа што е важен дел од животната средина и екологијата. Така одлучив да направам големи букви кои се состојат од трската на брегот и пластичните шишиња“, изјави Скот за Радио МОФ.
Пораката е отворена, вели тој, а ја претставил инсталацијата на кирилица, така што и локалците би ja разбрале.
„Се работи за ‘никогаш’ – во смисла дека никогаш не можеме да ги исчистиме нашите човечки проблеми со пластиката, која никогаш не се разградува. ‘Секогаш’ – трската е тука засекогаш и дека природата опстојува подолго од луѓето“, објаснува Скот.
Неговата замисла е пораката да биде комбинирана, за како што вели, луѓето да одлучат како ќе го прочитаат, со надеж дека ќе справат со проблемот.
За изработката и целиот процес му биле потребни две недели. Размислувал како буквите би се држеле меѓусебе, како би искористил помалку додатни материјали, а акцентот да го стави на нешто што би ја штитело околината.
„После ова, се враќам во Канада, каде ќе работам на друг проект, повторно користејќи зборови. Прилично големи зборови, кои се изработени од материјал што се наоѓаат во локалната средина. Таков е начинот на кој работам, одам на места, гледам какви материјали има наоколу“, додава Скот.
Објаснувајќи за тоа како постојано работи на ваков тип инсталации, го опиша неговиот проект во џунглата во Костарика. Таму изработил букви од материјали што ги нашол во околината, кои растат откако ќе се стават во земјиште.
„Буквите се’ уште се таму некаде, растат и ја пренесуваат пораката. Таа порака беше поврзана со климатската криза, за климатските промени. Тоа е важно за мене, најважната работа моментално. Нашата клима се менува, светот пропаѓа на многу начини, а ние треба да погледнеме, размислиме, што индивидуално можеме да направиме – како да постапиме како колективни суштества“, завршува Скот.
Мартин Колоски
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.