Северна Македонија ќе остане уште долго, можеби не пред вратата, но во претсобјето на ЕУ како што е тоа случај со Црна Гора и Србија.
Република Северна Македонија и во јуни 2019 година не доби датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Советот на министри на ЕУ, иако го поздрави Преспанскиот договор како многу важен чекор за земјата, сепак реши да го одложи донесувањето на одлуката „најдоцна за октомври 2019 година“. За поупатените тоа беше потег што можеше да се предвиди уште пред повеќе месеци, за еврооптимистите – уште едно разочарување, а за евроскептиците – потврда на ставовите дека ЕУ е неодржлив проект и некредибилен партнер. Кои се причините за таа одлука, предизвиците со кои Северна Македонија би се соочила во иднина на патот кон ЕУ и можните решенија?
Зошто не добивме датум за преговори?
И покрај директното залагање на половината земји членки, Советот на ЕУ на 18 јуни не постигна консензус за отворање пристапни преговори со Северна Македонија. Во споредба со минатата година, бројот на држави кои се против проширување дури се зголемил и, покрај Франција, во таа група сега и отворено се вбројува и Германија. Причините и за двете најголеми европски економии се поврзани со нивната внатрешно-политичка состојба. Официјалното објаснување за германската одлука беше дека поради краткото време на располагање Бундестагот не успеал да го разгледа извештајот на Европската Комисија, но дека во октомври ќе даде зелено светло. Сепак, треба да се има предвид дека владејачките партии ЦДУ/ЦСУ на последните (европски) избори изгубија значаен процент гласови во полза на крајно-десничарската партија Алтернатива за Германија кои се надеваат да ги повратат на претстојните регионални избори во две сојузни држави во септември. Во Франција, владејачката партија беше втора на изборите по крајно-десничарскиот Национален фронт. И во двете земји политиката на проширување се користи од националистите и популистите за добивање политички поени затоа што во негативен контекст се поврзува со миграцијата, безбедносните прашања, политичката стабилност и финансискиот товар врз старите земји членки.
Дополнително, Франција смета дека ЕУ во моментов нема капацитет да прими нови членки, дека проширувањето би одело на штета на продлабочувањето на степенот на интеграција на постојните членки и дека претходно треба да се спроведат низа реформи во однос на јакнење на европското единство, идентитет и демократски дух, Еврозоната, Заедничката одбранбена и безбедносна политика и одржливиот развој. Според новата Стретегија на Претседателот Макрон, паралелно треба да им се помогне на земјите од Западен Балкан да ги надминат предизвиците поврзани со владеење на правото и економско-социјалните прашања преку засилено присуство на ЕУ и земјите членки во регионот, без давање временски определена динамика за пристапување.
Освен тоа, ако се спореди извештајот на ЕК за Северна Македонија со забелешките од страна на дел од земјите членки и други меѓународни организации по истите прашања, се забележува делумно несовпаѓање во однос на оценката за квалитетот на испорачаните реформи во државата во последниве години. Иако извештајот се изработува по однапред утврдена методологија и би требало да обезбеди сеопфатна и објективна претстава за сработеното и во текот на последната година и кумулативно, сепак треба да се има предвид дека конечната верзија се одобрува на политичко ниво. Во тој контекст, за овој состав на ЕК во заминување кој не бележи значајно постигнување во политиката на проширување, особено за Високата претставничка и Комесарот за проширување кои лично се залагаа за Преспанскиот договор како начин Северна Македонија да напредува на патот кон ЕУ, разбирлива е поддршката за Владата во првата година од потпишувањето и ратификацијата на Договорот преку единствениот инструмент што им е на располагање – „разубавен“ извештај. Но, имајќи го предвид претстојниот избор на нова Комисија од претставници на земји во кои има растечко негативно расположение кон проширувањето, веројатно е дека следниот извештај нема да биде толку позитивен и реално ќе го одрази недостатокот на реформи во земјата, што претставува дополнителен отежнителен фактор за нас.
Крај на политиката на проширување каква што ја знаеме?
Владата, во обид да го надмине спорот што до пред неколку години беше единствена пречка за почеток на преговорите, сосема ја превиде „големата слика“, односно промените кои во меѓувреме се случија во рамки на ЕУ. Имено, европската финансиска, должничка и економска криза во периодот 2008-2013 година на површина „исфрли“ бројни внатрешни предизвици и несогласувања меѓу земјите членки околу клучни прашања поврзани со функционирањето на ЕУ. Во комбинација со мигрантската криза од 2015 и Брегзит, проблемите со кои во моментов се соочува ЕУ и земјите членки ја ставаат политиката на проширување во заден план. Во тој контекст, исполнувањето на критериумите што им овозможија на Црна Гора и на Србија да започнат пристапни преговори во 2012 и 2013 година соодветно, веќе не е доволно и праксата на поставување сè построги и повисоки стандарди започната во 2004 и 2007 година продолжува.
Покрај тоа, привременото решавање на споровите со Грција и Бугарија преку Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство не обезбедува никаква гаранција дека пристапниот процес би се одвивал непречено и без нови блокади од овие или други земји членки. (Зло)употребата на вето во процесот на проширување за остварување домашни интереси кои не се непосредно поврзани со самиот процес или земјите аспиранти веќе станува редовна практика. На пример, на последниот Совет Кипар се закани со вето на секој обид за натамошно проширување доколку ЕУ не заземе построг став кон Турција. Тоа наговестува сериозна криза во однос на актуелните инструменти и принципи на политиката на проширување. „Строга, но фер“ политика на проширување во која секоја земја напредува според своите заслуги се чини е веќе концепт кој не соодветствува на реалноста.
Што по октомври 2019?
Дури и да добиеме датум во октомври 2018, што не е сигурно, тоа ќе биде само симболична награда за Преспанскиот договор со цел ЕУ да поврати дел од изгубениот кредибилитет во регионот на Западен Балкан и да поттикне решавање на другите билатерални спорови. Северна Македонија ќе остане уште долго, можеби не пред вратата, но во претсобјето на ЕУ како што е тоа случај со Црна Гора и Србија. Имено, и двете земји сè уште не започнале да ги исполнуваат критериумите за затворање на поглавјата и се далеку од членство, иако во случајот на Црна Гора отворени се речиси сите, 32 од 33, поглавја. Како што за нивните граѓани нема некоја значајна придобивка од тоа што се во пристапниот процес веќе 6-7 години, така суштински, за македонските граѓани и нивниот квалитет на живот нема ништо да се промени само со тоа што ќе добиеме датум.
Напротив, според романската истражувачка Мунгиу-Пипиди која го проучува бранот на пристапување во 2004 и 2007 година, по почетокот на пристапните преговори, земјите генерално го забавуваат темпото на реформите, меѓу другото поради тоа што политичките елити веќе сметаат дека ја „добиле наградата“. Според неа, ризично е давањето сигурност дека ЕУ ќе прифати некоја земја кога домашните елити не направиле сè што можат. Тоа се надоврзува на актуелната состојба во политиката на проширување и ставовите на некои земји членки, вклучително и во однос на Македонија каде што реформите изостануваат веќе во претпристапната фаза, но и објаснува зошто се потребни темелни промени во пристапот на ЕУ.
Како да излеземе од ќорсокакот?
Процесот на одлучување и надлежноста на ЕУ во различни области се утврдени со Договорот за ЕУ и Договорот за функционирање на ЕУ потпишани во Лисабон во 2007. Од основачките договори наваму, со зголемувањето на бројот на членки, секоја ревизија на договорите и зголемување на надлежностите на европските институции се одвива сè потешко. Во тој контекст, земјите членки се обидуваат да најдат решенија на сите нови прашања во постојните договорни рамки и малку би било веројатно да се постигне промена во начинот на одлучување од едногласност во квалификувано мнозинство со цел да се избегне вето од само една земја и да се обезбеди непречено продолжување на проширувањето кон Западен Балкан.
Затоа, во духот на „Европа со повеќе брзини“ која е веќе реалност за земјите членки во многу аспекти (Евро, Шенген зона, царинска унија, Европски економски простор и сл.), би требало да се разгледаат опциите за поединечно вклучување на државите од Западен Балкан во политиките за кои покажуваат висок степен на подготвеност. Со тоа, пристапувањето не би било веќе процес во кој би се работело паралелно на сите области и земјите кандидати од „ништо“, на денот на пристапување би добиле „сè“, туку би се одело постепено напредокот би се засновал на процесот на трансфер (spillover). Тој трансфер преку процесот на учење и европеизација би се одвивал на најмалку две нивоа – од една во друга политика во рамки на земјата и од европските институции и земјите членки кон земјите кандидати.
Самиот процес не би ја ослободил државата од обврската да спроведува реформи. Напротив, успешно спроведени реформи во определена област би биле „наградени“ со можност за земјата да седне на иста маса и да учествува во процесот на креирање на политиките во таа област. ЕК би продолжила да го следи напредокот, со тоа што покрај Генералниот директорат за проширување, би се вклучиле повеќе линиските директорати за областите кои ги покриваат. На тој начин, земјите кандидати би добиле можност да се „европеизираат“ и да го забрзаат спроведувањето на реформите, додека европските институции и земјите членки би го задржале кредибилитетот и можноста преку политичка условеност во определени политики да влијаат врз позитивни промени и трансформација на земјите кандидати, дури и во услови на криза на политиката на проширување.
м-р Ана Крстиноска