Владината препорака за разрешување од функцијата на досегашната директорка на Драмскиот театар во Скопје предизвика критики од повеќе театарски работници, но и голем број граѓани на социјалните мрежи, кои изразуваат сомнежи за вистинските причини зад одлуката.
Директорката на Драмски, Викторија Рангелова Петровска, се најде на листата од околу 60-тина директори на јавни претпријатија и установи и членови на совети и управи кои се предложени да бидат разрешени од своите функции, кои вчера на пресконференција ги соопшти премиерот Зоран Заев.
Актерката Сања Арсовска преку ироничен статус на Фејсбук изрази критика за ваквата одлука, посочувајќи дека Арангелова Петровска својата функција ја извршувала квалитетно со голем личен и професионален интегритет, додавајќи дека на Драмскиот театар, под нејзино раководство, му тргнало многу добро.
Режисерката Ирена Стеријовска, пак, напиша дека таа била една од ретките раководни лица кои имале поддршка на најголемиот дел од вработените и соработниците и упати прашање – по кои параметри е донесена оваа одлука за разрешување.
Актерката Софија Куновска пак во краток статус изрази сомнеж дека причината зад разрешувањето на Рангелова Петровска е што не прифаќала ургенции за вработувања.
Сомнежи во одлуката упати и режисерот Владимир Милчин, кој праша: „кој е суфлерот за Рангелова?“.
Рангелова Петровска беше назначена за директорка на Драмскиот театар – Скопје во септември минатата година од претходниот министер за култура Асаф Адеми. Претходно, Драмски го раководеше актерот Сашо Тасевски.