Медиумската заедница и новинарите кажаа НЕ, за предлог-законот за медиуми на Владата. Двете најголеми медиумски организации, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници и Здружението на новинарите на Македонија, вчера побараа од Владата да го повлече предлог-законот и тој да биде испратен на анализа во Советот на Европа.
На средбата со вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, ССНМ и ЗНМ, придружени од повеќе новинари, на трети мај – Меѓународниот ден на слободата на медиумите, ги изнесоа забелешките за предлог законот, чиј текст цели две години се криеше од медиумската заедница и јавноста.
Претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаусидис истакна дека на новинарите не им е потребен нов закон за медиуми, туку им е потребна слобода во медиумите.
„Законот за медиуми кој сака Владата да го донесе не само што не одговара на загриженоста која постои од внатре и од надвор за слободата на изразувањето, туку таа оди во спритивна насока. Ако владата сериозно не ги испита решенијата во законот, јас ве уверувам дека следната година Македонија во извештаите на релевантните меѓународни невладини организации ќе се рангира во група на земји без слобода на изразување“, истакна Насер Селмани, претседател на ЗНМ.
Откако ги ислуша коментарите на новинарите, Бесими вети дека пред законот да влезе во владина и собраниска процедура, Владата ќе направи консултации со експерти од Европската комисија.
Најголем дел од информативните веб портали, меѓу кои и Радио МОФ, вчера исто така протестираа против новиот закон за медиуми со 24-часовно затемнување на своите веб страници, заради опасноста од цензурата на интернет која ја носи законот.
Голем дел од експертите предупредија дека власта сака да воспостави контрола врз информирањето на интернет, со членот 54 од предлог-законот насловен „Издавач на електронски публикации“, според кој сите веб портали ќе мора да се регистрираат во Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги и таа ќе им издава потврди за регистрација.
„Агенцијата ќе ја пропише содржината и формата на пријавата, потребната документација и потврдата за регистрација“, се вели во предлог законот.
Како еден од најопасните членови во законот, беше издвоен и членот 4 кој предвидува ограничување на слободата на медиуми, заради заштита на „угледот или моралот“, иако цензурата е забранета со Устав.
Новинарскиот синдикат во својот најнов билтен изрази сомневање во добрите намери на Владата да го регулира медиумскиот простор, особено заради предлогот за формирање на Агенција за медиуми, во која ќе членува само еден новинар и ќе има неограничени ингеренции и контрола врз медиумите, од регулација до одземање на право на емитување.
„Одредени членови од законот претставуваат директно мешање на државните органи врз содржина на медиумите (член 6 каде се бара при информирањето да мора да се користат само официјални извори од надлежни институции). Законот практично врши регулација на професионалните стандарди за кои надлежност ќе има Агенцијата за медиуми, односно судот, со што се укинува целата идеја за саморегулација“, се вели во билтенот на ССНМ, кој му беше доставен и на вицепремиерот Бесими.
Кристина Озимец