Бројни позитивни критики доби македонската претстава „Немам каде да се вратам“ на групата Кунстверкштат на Младински образовен форум, која на 21. јули беше одиграна на фестивалот за аматерски театри „Festival Festivala” во Требиње, Босна и Херцеговина.
„Тие успеаја да испратат порака од ова време, да ја привлечат публиката на сочувство и да ја преминат рампата. Ќе ги пофалам ефектите, а и музиката е добра. Кратко, ефикасно, не одолговлекуваа, имаа мерка.“
Милован Здравковиќ, театролог:
Режисерот Драган Копривица, додава: „Аматерите од Северна Македонија, на најубав начин, го комплетираа мозаикот на богатството на различностите на „Фестивал Фестивала“. Она што е посебно шарено за оваа претстава е радоста на театарската игра. Најмногу ми се допаднаа првата и последната сцена, а на крајот заблиска симболот на чоколадата – како задоволство на детето. Таа е моќен и метафорички извонреден симбол, преку кој на претставата и се даде дополнителна длабочина.“
Театрологот Лука Кецман, пак упати честитки до младиот тим.
„Им честитам на младите луѓе од Северна Македонија, бидејќи тие ја презедоа задачата да раскажат приказна за која и политичарите денес немаат одговор. Времето и историјата нешто или потврдуваат или негираат, но нивниот потег е храбар и достоен на младите да истражуваат. Не сум слушнал дека некој е премногу загрижен за ова прашање, особено во театарски поглед. Секоја претстава мора да има структура, почеток, крај и што доминира. Крајот на претставата е чоколадата, што всушност претставува симбол на оние ослободители кои во сите војни го враќаат чоколадото, великодушно делени од децата како знак на среќа. На крајот, тие се претвораат во тивок окупатор кој не е среќа, туку несреќа. Некои приказни што се обиделе да ги кажат дошле до публиката, а некои останаа преку границата,“ вели Кецман.
Христина Мирчевска, која ја толкува улогата на младата учителка Седеф, беше прогласена за протагонист на вечерта во која се играше „Немам каде да се вратам“. Текстот е на Милош Андоновски, а режијата на Дени Стојанов. Улогите ги толкуваат: Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Георги Божиновски, Ивана Стамевска, Ивона Кузмановска, Марина Таневска, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Тамара Глушкина, Филип Христовски и Христина Мирчевска.
Изведбата на претставата беше финансирана од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) GmbH.
Кунстверкштат е група на млади ентузијасти и љубители на театарот, друштво без граници на креативност, посветеност и младинска критична мисла. Групата е основана од страна на Петар Антевски и Паула Фе во февруари 2014 како интерактивна работилница за перформанс во рамките на програмата Младински активизам.
Во репертоарот на групата се перформансите: „Нешто мора да се смени“, „Банки дигнаа палати“, „Ќе има војна“ и „Нивниот пат“, како и претставите: „Ом Царе, Царе“, „Ненаучена лекција“, „Илустрации за тоа како новата идеја го запрепастува човекот кој не е подготвен за неа“ и „Немам каде да се вратам“.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.