Во петок, на 26 јули, ќе се одржат низа културни настани во Градскиот парк и паркот на МКЦ со кои ќе се одбележат 56 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Во Градски парк ќе настапат неколку балкански ѕвезди: Влатко Стефановски, Танос Ставридис, Биља Крстиќ и Биг Бенд.
„26 јули е денот кога се потсетуваме на еден тажен момент од животот на Скопје. Но, тоа е и ден кога треба да го славиме животот, да ја славиме хуманоста и подадената човечка рака. Никако не треба да ја заборавиме светската мобилизација за помош на Скопје и негоите жители. Исто така, овој ден е значаен бидејќи треба секогаш да се потсетуваме дека нема играње со приридата и дека ова може да му се случи секому. И по 56 години важно е да се чествува овој ден и сите да се потсетиме на тоа што се случило. Важно е да ги потсетуваме и младите генерации на она што светот го направил за нас, зашто сама така ќе ги научиме што значи хуманост и подадена рака во тешки моменти. Овој ден не го нарекуваме прослава, ниту пак чествување. 26 јули е ден на хуманоста, ден на добрите дела и ден за сеќавање на сите што не се повеќе со нас“, велат од Град Скопје.
Покрај ова, традиционално ќе се одржува и мултимедијалниот културен настан „МКЦ за Скопје”, кој годинава ќе се одржи во паркот на МКЦ.
Настанот е бесплатен, програмата ќе започне во 18:30 часот со детските работилници на уметникот Доротеј Нешовски и писателката Билјана Црвенковска. Потоа следуваат слушачки промоции на LP компилациите „Колку гласно морам да викнам за да ме чујат?” и „Има ли забава – Macedonian new wave 1981-1985″ од Тошо Филиповски како и промоција на неговата нова книга „МАКЕДОНСКА ДИСКОГРАФИЈА – ВИНИЛИ (1958-2019), Прв Том” која ќе може да се купи по промотивна цена.
По промоциите ќе започне музичката програма која ќе ја исполнат Светлост, Јордан Костов Трио и Роботек. Настанот ќе заврши со кино на трева: „Ослободување на Скопје” во режија на Раде и Данило Шербеџија.