Почнува јубилејниот Green Beach фестивал во Струга

Вечерва од 21 часот почнува 10-тото, јубилејно издание на фестивалот на електронска музика Green Beach во Струга. Годинава настаните ќе се случуваат кај хотел „Еуротел“.

Фестивалот ќе го отвори диџеј БАЛОСКИ со свој сет од 22 часот. Сепак, ѕвезда на вечерта е Пол Калкбренер, кој ќе настапи со почеток во 1:45 часот по полноќ. Врвниот уметник кој важи за институција на светската техно сцена, гостува премиерно во државата и тоа во рамки на неговата актуелна светска турнеја „Parts Of Life“ која веќе брои повеќе од 60 настапи ширум светот и скоро сите од нив целосно распродадени. Како еден од најголемите светски електронски продуценти, познат е по хедлајнерските настапи на најголемите фестивали и стадионски спектакли пред стотици илјади луѓе, кои пред него беа резервирани само за најголемите светски бендови како што се „Ролинг Стоунс“ и „Ју-Ту“. Калкбренер настапува исклучиво во живо, правејќи ги неговите сетови секогаш непредвидливи.

Фото: Пол Калкбренер

Фестивалот во петок ќе донесе уште еден премиерен настан, овој пат од техно/хаус тандемот „Адриатик“ со сет долг 4 часа, кој ќе започне на полноќ.

На втората фестивалска вечер ќе се слушаат и македонските диџеи Давид Крстевски и Александар Младеновиќ од 22:00 часот.

Фото: Адриатик

„Важна информација за сите посетители на GREEN BEACH е дека при доаѓање на Фестивалот билетите треба да ги заменат за соодветна фестивалска нараквица со која им е овозможен влезот на настанот. Замената на билетите за нараквици ќе се спроведува на официјалното заменско место лоцирано пред влезот на Фестивалот, а кое ќе работи од 21:00 до 04:00 часот. Поради огромниот интерес и големиот број на посетители кои пристигнуваат во Струга за овој настан, ги советуваме посетителите да дојдат што порано на настанот со цел да ги избегнат гужвите на заменското место и чекањето во редици за влез на Фестивалот“, соопштуваат организаторите.

Тие апелираат до посетителите да не возат под дејство на алкохол и да ги остават своите возила дома, а за доаѓање на настанот да го искористат организираниот превоз кој на секој 30 минути во периодот од 22:00 до 05:00 часот ќе сообраќа на релација Охрид – Струга – Охрид, со цена од 70 денари за билет во еден правец. Автобусите од организираниот превоз, од Охрид поаѓаат и се враќаат на постојката кај Тим Маркет (спроти градскиот пазар).

Оние кои допрва планираат да купуваат билети за фестивалот, може да го направат тоа преку мрежата на МкТикетс, а билетарницата на фестивалот ќе работи од 21:00 часот. Сите детали за цените и различните понуди на билети се достапни на овој линк.

*За атмосферата на фестивалот може да се информирате преку Инстаграм профилот на Радио МОФ.