Проблеми со аплицирање, чекање и по неколку седмици да се добие одговор од Агенцијата за млади и спорт (АМС) немање доволно места каде да се искористат попустите. Ова се само дел од проблемите кои искрснаа веднаш по лансирањето на најновиот проект на Владата на Р.С.М. „Европска младинска картичка“.
Иако помина повеќе од еден месец откако се отворија апликациите за добивање на оваа картичка, младите веќе се жалат на нефункционалноста на начинот на кој се спроведува целиот проект.
Според најавите, картичката ќе ја добие било кој млад граѓанин на државата на возраст од 15 до 29 години со пополнување на бесплатната онлајн апликација на веб страната www.mladinskakarticka.mk.
„Аплицирав кога излезе повикот, но сè уште нема никаква информација“. Ова е најчестиот одговор што го добивме на анкетата на Инстаграм профилот на Радио МОФ, на која се одважија да одговорат дваесетина млади лица.
Според информациите објавени од АМС, по пополнувањето на бесплатната апликацијата, во рок од неколку недели апликантот треба да ја доби својата картичка, која може да се подгне на два начина- на еден од пунктовите поставени од АМС или по пошта, на државен трошок. Но првично, треба да стигне повратен меил на кој ќе бидат објаснети сите чекори за подигање на картичката.
Меѓутоа овој меил кај повеќето од апликантите воопшто не е доставен.
„Аплицирав одамна. Ја чекам веќе два месеци“, сподели со Радио МОФ друг корисник на Инстаграм.
Од АМС, информираат дека за картичката досега аплицирале вкупно 2379 млади.
„До сега имаме доставено 1547 картички до апликантите и тие се во употреба и истите ги користат,“ стои во одоговорот на Агенцијата за млади и спорт до Радио МОФ.
Оттаму додаваат дека кај нив се уште стојат околу 500 картички за кои одамна се аплицирало, се веќе готови и ги чекаат корисниците за да ги подигнат.
Иако беше најавено дека на повеќе локации низ државата ќе бидат поставени пунктови наменети за подигање на картичките, сепак од АМС велат дека засега тоа ќе биде можно само директно во Агенцијата или преку пошта.
„Вообичаениот рок за изработка на картичката е 15 дена. Секако постојат можности рокот да се пролонгира доколку апликацијата е нецелосна или е потребна промена во информациите од страна на апликантот или поради технички причини, но до сега со неколку исклучоци најголем дел од картичките се изработени во предвидената временска рамка.“, стои во одговорот на АМС.
На прашањето зошто толку многу картички се неподигнати, односно зошто толкав број апликанти се уште немаат добиено никаква информација по пополнетата апликација, одговор добивме на Инстаграм, од профилот @mladinska_karticka.mk, од каде советуваат апликантите да го проверат својот „spam“ инбокс каде може да биде залутан меилот испратен од нив.
„Тие, покрај своја е-маил адреса, на апликацијата имаат оставено и телефонски број. Оттаму следниот наш чекор е да ги контактираме сите нив по телефонски пат.“, додаваат од Инстаграм профилот на младинската картичка.
Овој профил беше креиран пред два непосредно по анкетата на Радио МОФ на Инстаграм за младинската картичка. Од вчера на него почнаа да се промовираат попустите што ги нуди оваа картичка.
Но проблемите со меиловите не се единствените кои искрснаа во изминатиов период. Голем број од младите се жалат на тоа дека најголем дел од местата кои нудат попусти се наоѓаат само во главниот град на државата.
„Немам баш каде да ја користам во мојот град“, вели корисник на младинската картичка. „Повеќето места се од Скопје.“
Сличен одговор добивме и од друг корисник: „Ја добив (картичката) по пошта пред три недели, но сè уште ја немам користено. Ако си од Скопје, добро е. Другите градови имаат максимум 10 продавници со попуст. Навистина не ме мотивира да ја користам“, додава тој.
Радио МОФ исконтактира неколку локали и компании кои нудат попусти и поволности, меѓу кои Бреинстер и Спрингфилд, од каде велат дека до сега кај нив никој не ги искористил бенефициите од оваа картичка.
Проектот беше промовиран во јуни годинава, а апликациите беа отворени веќе во јули. На промоцијата на картичката, на која присуствуваа премиерот Зоран Заев и директорот на АМС Дарко Каевски при што беше најавено дека иако на почетокот бројот на локали и услуги е мал и ограничен, тој постојано ќе расте со текот на времето.
Покрај нашата држава, оваа картичка се користи и во 38 други европски држави. Во различни места се среќава под различно име, но го има логото на официјалната European Youth Card, а нејзините сопственици можат да ги користат поволностите во сите држави кои се поврзани со овој проект.
Македонската европска младинска картичка нема опција за користење во Европа. За надлежните, ова е крајната цел, и младите од нашата држава да ги користат разните попусти низ речиси цела Европа.
Георги Божиновски