800 волонтери од Франција со 260 возила „Пежо 205“ вчера пристигнаа во Општина Крива Паланка која беше домаќин на првата авантуристичка турнеја на солидарност на францускиот караван „Еуроп – Раид 2019“ (Europ’Raid).
Караванот е европска турнеја за културна солидарност, каде волонтерите патуваат низ континентот со возилата „Пежо 205“. Нивната мисија е да донираат вкупно 17,5 тони училишни материјали, прибор и училишна опрема во неколку балкански држави, меѓу кои и Република Севрна Македонија, носејќи со себе помош во вид на донација за децата кои имаат отежнат пристап до учиштата и живеат во понеповолни услови.
Овогодинешната рута на ,,Еуроп – Раид“ е започната од Париз на 27 јули и ќе трае до 17 август, а учесниците од караванот треба да поминат вкупно 10.000 километри за 22 дена.
На мапата на оваа европска турнеја за културна солидарност се најде и Крива Паланка, која поради својата активна соработка во областа на Франкофонијата доби донација од 100 килограми училишен прибор, матријали, нагледни средства и спортска опрема.
Во знак на благодарност за донацијата и пријателството со францускиот народ, учениците од ООУ ,,Јоаким Крчовски“ под менторство на професорката по француски јазик Елена Николовска, приредија Франкофонски музички хепенинг во дворот на училиштето, на кој присувствуваше и францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
За огромниот број француски гости, учесници на караванот на Europ’Raid, Општина Крива Паланка организираше стационирање со ноќевање и интересна културно-уметничка програма на градскиот стадион.