По сторијата на Радио МОФ „Скопски семафори ги заглавуваат пешаците на 40°C“, граѓаните преку нашата Инстаграм анкета коментираа на прашањето, „Кои се најлошите семафори во вашиот град?“. Од нивните реакции може да се забележи дека има голем број семафори кои траат прекратко. Тие коментираа за тоа колку кратко траат семафорите, а некои од нив нудеја и сообраќајни решенија за нив.
„Позади железничка, се чека до пензија за поминување“, коментира еден од нашите следбеници на Инстаграм.
Скопјани ги споменаа семафорите кај „Јужен булевар“, семафорите кај Собранието, кај Студентскиот дом „Гоце Делчев“, кај средното училиште „Орце Николов“, семафорите кај „рекорд“, како и семафорите на раскрсницата кај „Мавровка“ и МОБ.
Коментирајќи за семафорите кај Градежен факултет и трговскиот центар „Буњаковец“, наш следбеник коментира дека на тие семафори „му останала пола младост“.
Луѓето кои живеат во помали населби и градови како Драчево коментираат дека кај нив воопшто нема семафори, додека во Неготино, на пример, и тие што ги имаат не работат.
Некои од граѓаните, пример за Велес, предлагаат дека единствените семафори во тој град, треба да се отстранат и на нивно место да се направи кружен тек. Луѓето од Кичево и Тетово пак, коментираат дека во нивните градови скоро и да нема семафори, и дека сè е претворено во кружни текови.
Вчера, Радио МОФ имаше објавено за овој проблем, каде регистриравме неколку места на кои нема доволно време за да се помине пешачкиот премин, како: раскрсницата меѓу улиците „11 Октомври“ и „Кочо Рацин“, пешачкиот премин на булеварот „Илинденска“ кај Зоолошката градина, како и на булеварот „Партизански одреди“ кај Сити Мол.
Деновиве од иницијативата „НаТочак“ исто така објавија за овој проблем, со фотографии на кои се гледа потребното време за да се помине преку пешачки премин, алармирајќи дека системот е програмиран да овозможи поголем проток на возила, истовремено без да ги земе во предвид пешаците и велосипедите.